СПРОВЕДЕТЕ РЕВИЗИЈА И КОНКУРС ЗА НОВ ДИРЕКТОР ПО ЗАКОН И ПРЕСТАНЕТЕ СО МОБИНГОТ, БАРА ОД АРСОВСКА ПРОГРАМСКИОТ СОВЕТ НА МКЦ

    СПРОВЕДЕТЕ РЕВИЗИЈА И КОНКУРС ЗА НОВ ДИРЕКТОР ПО ЗАКОН И ПРЕСТАНЕТЕ СО МОБИНГОТ, БАРА ОД АРСОВСКА ПРОГРАМСКИОТ СОВЕТ НА МКЦ„Политичките и партиски етикетирања нема да ги коментираме. Нашата партија се вика МКЦ“, Русе Арсов на денешната прес-конференција. (Фото: К. Попов)

    Ревизијата во Младинскиот културен центар (МКЦ) сè уште е во тек и информациите пласирани во јавноста се во најмала рака незаконски и во моментов паушални, реагираше денеска на прес-конференција Програмскиот колегиум на МКЦ, за вчерашните изјави на скопската градоначалничка Данела Арсовска.

    Арсовска вчера кажа дека досегашниот в. д. директор на МКЦ Ванчо Богоев лаже оти му се вршат политички притисоци и дека било побарано од него да го вработи Арбен Шаќири, и додаде дека не е сменет од функцијата, туку му завршил договорот. Таа рече дека лани склучил 250 договори за ангажирање без договор или преку Агенција за привремени вработувања.

    „Исплаќани се илјадници евра на овие лица, меѓу нив истакнати членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ, има и над 90 договори за времено ангажирање на шанкери на кои им биле исплаќани од 350 до 700 евра за еден месец. Од главната благајна на МКЦ подигнати се над 100.000 евра кои се повлечени во готово. Каде се овие пари, има некој што треба да даде одговор, затоа што нема соодветна документација. Го повикувам Богоев да објасни за договорот на кој бил издаден простор во центарот на градот на Пасворд продукција на која договорот ѝ завршил минатата година, а од март досега немаме информација кој го стопанисувал тој простор и кој добро профитирал”, рече Арсовска.

    Програмскиот колегиум денеска кажа дека секое изнесување и толкување на ревизијата пред процесот законски да заврши и да се спроведе исклучиво од надлежни лица и институции, е само грубо кршење на правата на деловно работење во оваа држава. Тие имаат и забелешки за тоа кој ја врши ревизијата, затоа што сметаат дека лицето кое е во МКЦ и ги чешла документите не е овластен ревизор, туку вработено лице од службите на Град Скопје.

    „Од главната благајна на МКЦ подигнати се нешто над 100.000 евра во готовина, кои биле извлекувани од сметката на институцијата без соодветна основа (6.2 милиони денари) – Од каде е оваа информација? Кој ја потврдил или негирал? Дали ова е информација од тековната ревизија во МКЦ? Пред да одговориме на ова сакаме да укажеме на грубо кршење на законите и правилата на ревизорски надзор и извештај. Имено, ревизијата е нормална постапка и пракса за секоја институција. И ние истата максимално ја поддржуваме, а од нивните забелешки учиме и се корегираме. Но, досега правилата беа јасни: ревизијата по своето работење издава записник, на кој институцијата преку нејзините надлежните органи имаат законски рок да се произнесат и евентуално да појаснат и да дополнат пред таа да стане официјална. Но, во интерес на јавноста и насловите во овој момент, сепак ќе појасниме дека: како благајна за 2022 година се водат 6.232.388 денари, од кои 5.914.888 се уплати од дневен промет од работата на угостителската дејност на МКЦ (бифе/шанкови) кои преку благајна потоа се уплаќаат на сметката на ЈУ МКЦ, а само 317.500 денари се директни готовински материјални трошоци, кои преку цела 2022 година се користени готовински и се однесуваат за ситни набавки, поправки, патарини, сервисирања и сл, поткрепени со соодветна документација и сметки. Тврдењата за недостаток на некакво покритие и документација за ова, беше токму нашиот сомнеж и страв по промените на бравите на пример, во простории каде таа документација се чува“, рече Русе Арсов.

    Тие апелираа до сите надлежни институции да се охрабрат и да ја завршете својата работа по закон до крај.

    „Одважете се, и по закон спроведете ги постапките и за ревизија, и за именувања. Веќе четврта година сме мета на јавни обвинувања и подметнувања, разни финансиски полиции, ревизии, контроли и судови. Престанете да ни праќате неидентификувани и неовластени лица да ни вршат распити, да ни се врши мобинг и притисок на нашето работно место. Не дозволувајте повеќе секој да ги дискредитира и оцрнува нашите имиња и професионални интегритети. А за почеток: отворете регуларен и фер конкурс за директор на институцијата. Како програмски уредници со драго срце и полн ентузијазам повторно ќе дадеме сѐ за културата на европско Скопје.

    Од МКЦ денес рекоа дека Богоев од оправдани причини денес не беше на јавното обраќање и веруваат дека тој секако дополнително ќе се обрати и ќе ги искористи сите правни законски механизми да ја објави вистината.

    „Што се однесува до сега веќе бомбастичните наслови дека ‘шанкер зема 750 евра плата во МКЦ’, би сакале да појасниме дека: во недостаток на редовен вработен персонал, секако за да оствариме сопствени приходи ќе се потпираме на сѐ уште расположливи надворешни млади луѓе, кои се останати во градот и сакаат да работат. Најчесто тоа се студенти, кои чесно работат за дневница, често и двојни смени, која на крај на месецетот врз основа на сработеното им се исплаќа како хонорар, со платен данок. И секако 90 договори не се 90 лица – паушален одговор за 12 месеци во годината се 7 извршители месечно, секое со свој посебен месечен договор. Како и да е, на секој од нив посебно сме им благодарни. Политичките и партиски етикетирања во оваа точка нема да ги коментираме. Нашата партија се вика МКЦ“, рекоа од Програмскиот колегиум.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира