Во 11 општини од Источно-планскиот регион, има уште 44 отсто слободни места за запишување во средните училишта, откако за 3.130 места се пријавиле само 1.401 кандидат. Лидер во бројот на пријавени кандидати е средното медицинско училиште „Јане Сандански“ во Штип, единственото средно училиште во регионот кое примило повеќе пријави од понудените места: 280 кандидати за 240 места.
„Најголем интерес имаше за насоката медицинска сестра, за која се пријавија 70 кандидати повеќе од понудените места. Успехот е главниот критериум според кој кандидатите ќе бидат примени, а останатите ќе мора да изберат некоја друга насока, како фармација, стоматологија и физиотерапија“, вели директорката Емилија Рамбабова.
Недостиг од пријави бележи престижната штипска гимназија „Славчо Стојменски“, која досега се пополнуваше уште во првиот уписен рок. Оваа година, само 150 ученици пројавиле интерес за гимназиските насоки. Најмал интерес во „градот на текстилот“ завршените основци пројавиле за средното текстилно училиште „Димитар Мирасчиев“ – 12 пријави за 170 места.
Помалку пријавени кандидати од слободните места има и во останатите општини во регионот: во Виница, за слободните 340 места пријавени се 106 канидати, во Македонска Каменица 36 кандидати за 70 места, а во Кочани за 710 места пријави поднеле само 284 кандидати. Лоша е состојбата и во Делчево, кадешто само 90 основци се пријавиле за понудените 270 места.
Во Берово, каде што има само едно средно училиште, како што вели директорот Сашко Корчовски, за 137 места во 20 паралелки во овој град и за пет дисперзирани паралелки во Пехчево се пријавиле само 90 кандидати. Очекувањата се дека во последниот уписен рок во август бројот значително ќе се зголеми.
Никој не сака да коментира која е причината за големата разлика помеѓу слободните места и пријавените кандидати. Некои ученици и нивните родители кои поднесуваа пријави во средното медицинско училиште во Штип коментираа дека се запишуваат овде затоа што медицинските кадри полесно ќе најдат работа во Македонија, но и во странство.
Т. ЈОВАНОВСКИ