СРЕДНОШКОЛЦИ ОД БИТОЛА ЌЕ ИСПИТУВААТ ДАЛИ ПОЧВАТА ОД РЕК ДО БИТОЛА Е ЗАГАДЕНА СО ТЕШКИ МЕТАЛИ

    СРЕДНОШКОЛЦИ ОД БИТОЛА ЌЕ ИСПИТУВААТ ДАЛИ ПОЧВАТА ОД РЕК ДО БИТОЛА Е ЗАГАДЕНА СО ТЕШКИ МЕТАЛИПроектот „Присуство на тешки метали во почвата на потег Битола-РЕК Битола“ се пласираше меѓу 20-те најдобри училишни проекти со наставно-истражувачки карактер

    Средношколци од битолската гимназија „Јосип Броз Тито“, поддржани од Фондот за иновации при Министерството за образование и наука, ќе испитуваат дали почвата од комбинатот РЕК до Битола е загадена со тешки метали.

    Учениците, под менторство на професорите Борис Маслинко и Миле Ристов, ќе земат примероци од почвата во Пелагонија, која е најголемата житница и дава најголем процент од произведената храна во Македонија. Примероците хемиски ќе се испитуваат, а потоа, врз основа на податоците, ќе се изработи дигитална карта за степенот на загаденост.

    „Проектот ќе се реализира на почетокот на идната учебна година, а ќе опфаќа земање на примероци од почвата од голем број локации на потегот Битола-РЕК и нивно хемиско испитување со УВ спектрофотометар, за да се утврди количеството на одредени тешки метали. Добиените резултати ќе бидат внесени во ГИС софтвер, а потоа, преку соодветни методи, ќе се генерираат дигитални карти за степенот на загаденост на одредениот простор“, рече професорот Миле Ристов за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Проектот „Присуство на тешки метали во почвата на потег Битола-РЕК Битола“ успеа од стотина предложени да се пласира меѓу 20-те најдобри училишни проекти со наставно-истражувачки карактер, на кои државата им додели средства за реализација. Пред надлежните го презентираа и бранеа ученичките Елена Здравковска и Елена Шулевска, кои се дел од тимот од седум ученици кои ќе истражуваат.

    „Сметаме дека со истражувањето ќе добиеме подобра претстава за просторната дистрибуција на загадувањето на почвата со тешки метали и ќе ги поттикнеме надлежните институции проактивно да се вклучат во намалувањето на загадувањето и во чистењето на почвата од тешки метали со насадување соодветни земјоделски култури, кои преку коренов систем ќе можат да ги апсорбираат истите. Ова е особено битно, бидејќи од таа почва се храниме сите ние“, вели Ристов.

    Истражување на квалитетот на почвата во Пелагонија беше направено во 2016 година преку проектот „ТЕРА МЕД“, кога беше констатирано дека во почвата околу РЕК има зголемено количество на олово и арсен. Во пелагониското поле, пак, од прекумерното ѓубрење имаше зголемени количини фосфор.

    Од ЕЛЕМ најавија дека до крајот на летово ќе поднесат барање РЕК да добие А-интегрирана еколошка дозвола. Од комбинатот досега во неколку наврати информираа дека новото раководство на ЕЛЕМ презема мерки за заштита на животната средина и за производство на електрична енергија со што помало влијание на околината. Лани почнаа постапка за набавка на опрема за стандардизирање на отпепелувањето, која ќе спречи отпадната пепел да се шири во околината. За годинава, предвидени се средства за набавка на електростатски филтри, кои ќе спречат емисија на штетни материи во воздухот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира