СРЕДНОШКОЛЦИТЕ НАЈАВИЈА БОЈКОТ НА НАСТАВАТА ВО НОЕМВРИ, ЦАРОВСКА ВЕЛИ СИТЕ МЕРКИ СЕ НОСАТ ПО ПРЕПОРАКА НА ЗДРАВСТВЕНИТЕ ВЛАСТИ

    СРЕДНОШКОЛЦИТЕ НАЈАВИЈА БОЈКОТ НА НАСТАВАТА ВО НОЕМВРИ, ЦАРОВСКА ВЕЛИ СИТЕ МЕРКИ СЕ НОСАТ ПО ПРЕПОРАКА НА ЗДРАВСТВЕНИТЕ ВЛАСТИМинистерката Царовска и градоначалничката на Тетово Теута Арифи при денешната посета на Основното училиште „Кирил и Методиј“ во Тетово. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи за ноември најави бојкот на наставата, ако надлежните институции не дозволат постепено враќање на учениците во училиштата доколку е стабилна епидемиолошката состојба со ковид-19 во октомври.

    „Во случај тоа да не се случи, секој ученик ќе ја бојкотира наставата во ноември. Ова не треба да се сфати како компромис, туку како ултиматум од еден месец до министерката за образование Мила Царовска и министерот за здравство Венко Филипче“, рече денес Ходаи.

    Царовска на денешната прес-конференција рече дека школите ќе добиваат дозволи за физичка настава во зависност од епидемиолошката состојба, и дека сите мерки се носат по препораките на здравствените власти.

    На еден ден пред официјалниот почеток на новата учебна година, Царовска најави дека оние ученици кои наставата треба да ја следат онлајн, а притоа немаат дома компјутер или интернет врска, ќе ја следат преку три канали на Македонската радиотелевизија (МРТ).

    „Тоа што го утврдивме на самиот почеток и во самиот план е дека децата ќе имаат можност по даден распоред на три канали на МРТ да ја следат наставата на својот јазик, македонски или албански на 15-минутни часови од прво до деветто одделение. Ова е многу важен инструмент кој се користи и во други држави за децата кои немаат пристап. Секако, училиштата ќе треба да принтаат и материјали кои ќе бидат доставувани до родителите за да може децата дома да ги извршуваат домашните задачи и да добиваат инструкции за работа во домашни услови. Ова е за оние ученици кои не ќе можат да се приклучат онлајн. Овој вид настава ќе почне од први октомври по распоред доставен од МРТ, тоа е договорено со директорот на МРТ, а распоредите по одделенија и предмети ќе бидат поставени на три канали. Распоредот е готов и во текот на денешниот ден тој ќе биде објавен на веб страната на Министерството и на МРТ“,  изјави министерката при денешната посета на Основното училиште „Кирил и Методиј“ во Тетово.

    За проблемите кои настанаа со платформата за следење на наставата Царовска рече дека тие тековно се надминуваат, а наставниците треба да ги следат инструкциите на веб страницата на Министерството и на порталот каде се даваат сите нови инструкции за да може утре да има добар старт на учебната година.

    „Со ова го правиме првиот чекор во дигитализација на образованието“, кажа Царовска.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира