СРЕЌЕН СУМ ШТО СЕКОЈ ДЕН ЌЕ СЕ ДРУЖАМ СО ПРИЈАТЕЛИТЕ, ВЕЛИ 23-ГОДИШНИОТ ЛЕОН ЗА НОВИОТ ДНЕВЕН ЦЕНТАР ЗА ЛИЦА СО ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ

    СРЕЌЕН СУМ ШТО СЕКОЈ ДЕН ЌЕ СЕ ДРУЖАМ СО ПРИЈАТЕЛИТЕ, ВЕЛИ 23-ГОДИШНИОТ ЛЕОН ЗА НОВИОТ ДНЕВЕН ЦЕНТАР ЗА ЛИЦА СО ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТСо лицата покрај волонтери од Црвениот крст ќе работат психолог и социјален работник-градоначалниците Петре Шилегов и Саша Богдановиќ, заедно со секретарот на Црвениот крст Сузана Тунева и Леон Шатовиќ. (Фото: К. Попов)

    Пресреќен сум што се отвори вакво место каде ќе можам да се дружам секој ден со моите врсници, да учам и да се забавувам, вели 23-годишниот Леон Шатовиќ за новиот Дневен центар за лица над 18 години со интелектуална попреченост во Скопје. Центарот од денеска е отворен на улицата Пролет зад трговскиот ценар „Веро“, преку заедничка соработка на Црвениот крст на Град Скопје, Општина Центар и Град Скопје.

    Објектот, кој до пред неколку месеци беше кафеана, е во сопственост на Општина Центар и сега е адаптиран во Дневен центар за лица со интелектуална попреченост. Ќе биде отворен секој работен ден од 8 до 16 часот. Со лицата, покрај волонтери од Црвениот крст, ќе работат психолог и социјален работник.

    Центарот ќе биде отворен секој работен ден од 8 до 16 часот. (Фото: К. Попов)

    Едно од лицата кое ќе го користи овој Дневен центар е 23-годишниот Леон, кој беше пресреќен и ни рече дека секој ден ќе го посетува објектот.

    „За нас родителите овој Центар значи многу. Знаеме дека децата тука ќе бидат среќни, ќе можат да напредуваат, ќе имаат секојдневен ангажман. Тоа што ќе се дружат со волонтери од Црвениот крст и ќе бидат вклучени во нивните активности, ќе овозможи инклузија на лицата во општеството. Покрај секојдневните активности, ќе се организираат и екскурзии, што за овие лица значи многу“, велат родителите на лицата кои денеска беа на отворањето на Центарот.

    Студенти од Факултетот за дефектологија практичната настава да ја спроведуваат во Центарот. (Фото: К. Попов)

    Од Црвениот крст велат дека овој Центар не само што ќе им помогне на лицата со интелектуална попреченост туку истовремено ќе биде од помош и за нивните родители и семејства.

    „Се надевам дека ова место ќе прерасне во препознатливо катче. Во Центарот ќе работи координатор, лекар, социјален работник и психолог, Веќе имаме договор со Факултетот за дефектологија, студентите практичната настава да ја спроведуваат во овој центар. Секако, во него ќе бидат и голем број волонтери од Црвениот крст, кои лицата ќе ги вклучуваат во сите  наши редовни активности. Цело е кога има сѐ, а сите заедно ќе направиме на крај да се чувствуваме општествено одговорни личности.“, рече Сузана Тунева секретар на Црвениот крст на Град Скопје.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира