СРПСКИ КОЛЕКЦИОНЕРИ ОСТАНАА БЕЗ 500 СТАРИ ГРАМОФОНСКИ ПЛОЧИ, ИМ ГИ ЗАПЛЕНИЛА ЦАРИНАТА ЗАШТО ЌЕ СЕ ПРОДАВАЛЕ КАКО НЕЦАРИНЕТА СТОКА НA БАЛКАНСКИOT ФЕСТИВАЛ НА ВИНИЛИ ВО КУМАНОВО

    СРПСКИ КОЛЕКЦИОНЕРИ ОСТАНАА БЕЗ 500 СТАРИ ГРАМОФОНСКИ ПЛОЧИ, ИМ ГИ ЗАПЛЕНИЛА ЦАРИНАТА ЗАШТО ЌЕ СЕ ПРОДАВАЛЕ КАКО НЕЦАРИНЕТА СТОКА НA БАЛКАНСКИOT ФЕСТИВАЛ НА ВИНИЛИ ВО КУМАНОВОНа Берзата на винили петмина домашни и десет регионални колекционери требало да се претстават пред публиката; - Од ланската Берза на винили во Куманово. (Фото: Фејсбук)

    Петмина српски колекционери, кои викендот требало да учествуваат на третиот Балкански фестивал на винили во Куманово, останале без своите стари грамофонски плочи откако им ги запленила царината, со образложение дека немаат документи за нивна продажба. Тие добиле и прекршочни пријави за пуштање во промет нецаринета стока и секој од нив платил глоба од околу 150 евра за да си ги добијат личните документи да излезат од државата, додека плочите им се привремено одземени и ќе бидат предадени во Агенцијата управување со одземен имот се до целосно завршување на постапката.

    Според очевидци, рацијата на мобилниот тим на Царинската управа се случила вчера околу 11 часот, еден час пред официјалното отворање на манифестацијата Берза на винили, на која петмина домашни и десет регионални колекционери требало да се претстават пред публиката. Додека сè уште ги поставувале штандовите, дошла царинската конторола и запленила околу 500 плочи. Ги одзеле само плочите кои се донесени од странство, додека домашните колекционери и организатори немале никаков проблем да продолжат со манифестацијата, која била уредно најавена.

    „Луѓето кажуваат дека плочите ги пријавиле на српската и на македонската граница, и ја покажале поканата каде треба да одат. Никој не им кажал дека треба посебно да се пријават на нашата граница и да извадат документ. Вчера, кога дојдоа службените лица им побараа документ за привремен увоз, за на враќање да платат царина ако продадат нешто. Се работи за стари плочи кои потекнуваат од 1970-тите години, тие имаат вредност само за нас коишто ги собираме, и повеќето колекционерите ги менуваме меѓусебно, отколку што ги продаваме. Не се работи дека некој сакал да ја изигра државата и да направи профит. Непотребно ги измалтретираа луѓето. Можеше на фин начин да им се укаже, вака ни ја расипаа забавата, не посрамија пред гостите од странство“, кажува нашиот соговорник, кој е пасиониран коленционер и со нетрпение го чекаше Фестивалот.

    Тој додава дека досега биле на слични манифестции во Кочани и Битола, ама никогаш немало проблеми околу внесување на плочите од соседните држави. Според нивни непотврдени информации, пријавата стигнала од човек кој се почувствувал дека тие му се конкуренција.

    Поради инцидентот вријат осуди и на социјалните мрежи, граѓаните се прашуваат на кого му пречеше оваа културна манифестација и дали вака ќе функционира политички замислениот Отворен Балкан.

    „Берзите како настани насекаде се максимално толерирани и стимулирани од локалните заедници, и без исклучок се третираат како културни настани, со настапи на диџеи, бендови, работилници. И никој од тоа не се обогатува, ама сите прекрасно си поминуваат, меѓу стотици плочи, од кои голем дел можат да се видат само таму и следен пат којзнае каде. Ама ете, некому ова му засмета. А вината за немилиот настан, верувале или не, не е најголема кај Царината. Тие само постапувале по наредба, поточно по пријава од наш совесен граѓанин“, се вели во една од објавите.

    На манифестацијата имало посетители и од други Црна Гора, Косово, Хрватска, како и од повеќе градови од земјава.

    Организаторите не сакаа да коментираат настанот и најавија соопштение за утре, нема коментар  ни од Царинската управа на Македонија.

    С. НИКОЛИЌ 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира