СРУШЕН СТАРИОТ МАГАЦИН ВО БИТОЛСКАТА КАСАРНА, ОД ОПШТИНАТА ВЕЛАТ ЌЕ СЕ ПРАВИ НОВ ОБЈЕКТ ЗА ПОЖАРНАТА

    СРУШЕН СТАРИОТ МАГАЦИН ВО БИТОЛСКАТА КАСАРНА, ОД ОПШТИНАТА ВЕЛАТ ЌЕ СЕ ПРАВИ НОВ ОБЈЕКТ ЗА ПОЖАРНАТАНовиот објект ќе има приземје, кат, гаража и простор за седум противпожарни возила. (Фото: СДК.МК)

    По повеќегодишни најави дека во поранешната битолска касарна ќе се изгради нов објект на Територијалната протовпожарна единица во Битола, пред празниците се руши стариот магацински простор. Од Општина Битола соопштија дека ова се почетни активности за реализација на капиталниот проект што го најави градоначалникот Тони Коњановски како еден од најголемите приоритети на оваа локална власт.

    „Теренот ќе биде подготвен за веднаш да започне изградбата на новиот објект, кој согласно проектната документација ќе биде со површина од 1.600 квадратни метри. Објектот ќе ги исполнува современите стандарди за ваква градба, ќе има приземје, кат, гаража и простор за седум противпожарни возила и ќе овозможи соодветни услови за вработените во територијалната противпожарна единица, која го покрива регионот на општините Битола, Новаци и Могила“, соопштија од Општина Битола.

    Вкупната вредност на склучениот договор за изградба на новиот објект на Пожарната е 52.824.773 денари (850.000 евра). Изградба на ваков објект се ветуваше пред секои избори уште во времето на ексградоначалникот Владимир Талески.

    Формирана пред 188 години со повелба на румелискиот валија, битолската противпожарна единица е најстарата на Балканот, но со децении опстојува во стара станица која не ги задоволува современите стандарди. Објектот е стар и со дотраен мебел, гаражите имаат потреба од современ начин на греење, а неопходни се и други поправки.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира