СТАДО КРАВИ БЕЗ ЧУВАР УНИШТУВА 300 НАСАДИ ВО НИВИТЕ ОКОЛУ ШТИП, ГАЗДИТЕ ГО ЧУВААТ ЗА СУБВЕНЦИИ

    СТАДО КРАВИ БЕЗ ЧУВАР УНИШТУВА 300 НАСАДИ ВО НИВИТЕ ОКОЛУ ШТИП, ГАЗДИТЕ ГО ЧУВААТ ЗА СУБВЕНЦИИСтадото крави без надзор од сопствениците со години го уништува родот и трудот на земјоделците кои имаат имоти во викенд атарите околу Штип, но и покрај редовните пријави, општинските служби не реагираат (Фото: СДК.МК)

    Над 300 сопственици на овошни и лозови насади и на ниви со раноградинарски производи од Штип јавно собираат петиција, поради штетите што ги трпат од една краварска фарма чие стадо без никаков надзор од сопствениците го пустоши родот во Суитлак, Ајнато, Орта Колиба, Липов Дол, најпознатите викенд атари кај Штип.  Револтираните земјоделци од овие месности го пријавиле во полиција секојдевното уништување на нивните насади. Тие бараат од општината и подрачното министерството за зeмјоделство и останатите надлежни институции да преземат конкретни и ефикасни мерки, а полицијата службено да поднесе соодветни пријави за сопствениците на стадото и за оние кои стопанисуваат со него.

    Не помага новите калеми да ги заштитам и со трње, стоката руши и уништува сè пред себе, вели 70-годишниот пензиониран земјоделец Ангел Донев (Фото: СДК.МК)

    Сопствениците на стадото се недостапни, а и ништо не говорат кога некоj од оштетените земјоделци случајно ќе ги сретне по пат и им укажува да си ја приберат стоката. Поради лошиот пат, до нивната фарма тешко се доаѓа и до таму може да се стигне само со трактор или џип. А и да се отиде таму не може да се најде никој, затоа што сопствениците ги нема, а добитокот сам се спушта надолу кон градот каде има илјадници овошни и лозови насади. Со случајот се занимава и општинската падарска служба.

    „Со стадото стопанисуваат тројца браќа, сточарот Адем Мемиш и неговите двајца браќа, а како сопственик формално се води нивната мајка која живее во плачковичкото-јуручко село Парналија. Тие располагаат со речиси 200 грла крупен добиток и обично наесен се спуштаат во импровизираните штали во близина на Штип. Досега имаме поднесено 5-6 пријави за сопствениците и се изречени неколку казни што тие ги плаќаат без око да им трепне. Си земаат добри субвенции, речиси 50 евра од грло или вкупно над 10. 000 евра годишно. Стадото формално го имаат заради субвенциите, па затоа го оставаат само да се напасува, а за тоа време тие често можат да се видат во штипските кафулиња“, вели општинскиот падар Ѓоше Лазов кој додава дека во шталите илегално престојуваат крави од нивни роднини и од други општини, што по законот не е дозволено.

    „Досега имаме поднесено 5-6 пријави за сопствениците и се изречени неколку казни што тие ги плаќаат без око да им трепне. Си земаат добри субвенции, речиси 50 евра од грло или вкупно над 10. 000 евра годишно. Стадото формално го имаат заради субвенциите, па затоа го оставаат само да се напасува, а за тоа време тие често можат да се видат во штипските кафулиња“, вели општинскиот падар Ѓоше Лазов (Фото: СДК.МК)

    „Кравите се пуштени сами да се напасуваат. Имаат сопственици, а немаат никаков чувар, никакво надзор. Влегуваат во нашите имоти, ги кинат жичаните огради, ги кршат столбовите и во лозовите насади, а целосно ги кршат и гранките од овошните насади. Кога тие ќе добијат поголема лисна маса тогаш ќе биде вистински пустош. Тоа го прават и преку денот, но најчесто навечер затоа што ние не можеме да дежураме ден и ноќ. Веќе триесет нови калеми ги скршија. Ги оградувам со трње, но и тоа не помага. Со оглед на тоа што не е прва година, апелираме надлежните конечно да стават крај на проблемот “ вели пензионерот Ангел Донев, кој прашува може ли надлежните упте да толерираат поединец сопственик на фарма да се мајтапи и да им прави штети на 300 сопственици на имоти во овие месности?

    Кравите се пуштени сами да се напасуваат. Имаат сопственици, а немаат чувар. Влегуваат во имотите, ги кинат жичаните огради, ги кршат столбовите и во лозовите насади, а целосно ги кршат и гранките од овошните насади (Фото: СДК.МК)

    „Вакво зло досега не сме доживеале како земјоделци. Уште есента, а и пролетва насадив на три декари кромид, лук, грашок, но за неколку дена сè е испасено и изгазено од кравите. 99 насто од мојот труд е уништен. Не се предавам, па уништената површина со кромид повторно ја изорав и ќе садам грав. Ама, кој ми гарантира дека нема да биде уништен? Со оглед на тоа што ова не е прва година истото стадо крупен добиток да ги уништува нашите ниви и насади, повторно го пријавивме случајот во полиција. Ако надлежните не преземат мерки и не поднесат соодветни пријави, најавуваме дека ние веќе сме организирани и ќе мораме сами да го решиме овој наш голем проблем“, вели штипскиот староседелец Ибо Алиов кој иако е инвалид, на 70 години произведува за својата фамилија.

    Од СВР Штип велат дека завчера сопствениците биле повикани и предупредени, но напуштеното стадо и денеска правело штети по лозовите и овошните насади и раноградинарските култури. Затоа, оштетените земјоделци и сопственици на имоти од овие штипски атари, покрај петиција до надлежните органи и служби во градот со мирно да се реши проблемот и сопствениците да се задолжат да си преземат мерки, по препорака на комуналната инспекција во Штип најавуваат и заедничка тужба со барање за отштета која за изминатите неколку години изнесува многу повеќе отколку што има вредност стадото крави и другиот крупен добиток.

    Министерството за финансии за 2018 за 15.663 сточари во државата издвоило 310 милиони денари субвенции или за секое обележано грло говедо треба да се исплатат по 2.800 денари.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира