СТАПИ НА СИЛА ЗАБРАНАТА ЗА РИБОЛОВ ВО ВЕЛЕШКО, ЌЕ КОНТРОЛИРА И ПОЛИЦИЈАТА

    СТАПИ НА СИЛА ЗАБРАНАТА ЗА РИБОЛОВ ВО ВЕЛЕШКО, ЌЕ КОНТРОЛИРА И ПОЛИЦИЈАТАЗабраната е поради мрестот на рибата во овој период и ќе трае до 15 мај. (Фото: СДК.МК)

    Од 15 април стапи на сила целосна забрана за риболов во ревирот на Здружението на спортски риболовци „Бабуна“ од Велес. Ќе контролират рибочуварите на друштвото, засилени со велешките полицајци. Забраната ќе важи до 15 мај и се однесува за рибите костреж, скобуст, попадика, црвеноперка, писа, клен, бела и црна мрена. Забраната за сом и крап ќе важи до 31 мај.

    „Забраната е поради мрестот на рибата во овој период. Се договоривме во овој период кога одиме на контрола на терен да биде со придружба на полиција, заеднички со нашите рибочувари“,  кажа Даниел Наумовски, претседател на „Бабуна“.

    Друштвото е концесионер на рибниот фонд во водите во Велешко. Од лани летото, поради загаденоста на водата на Езерото Младост таму е забранет риболовот, но и полевање на околните лозја.

    Забраната за риболов се однесува за Вардар од вливот на Пчиња до вливот на Црна Река, за Црна Река од тиквешката брана до вливот на Вардар, цело течение на река Бабуна, цело течение на река Тополка, влив на реката Брегалница, како и за сите останати притоки на Вардар од Пчиња до Црна Река.

    Во летото 2019, кога истече концесијата на „Бабуна“ за рибниот фонд за Езерото Младост, полицијата неколку месеци го контролираше уловот од можните рибокрадци кои ловат со мрежи.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира