СТАРИОТ СТРУМИЧКИ ТЕАТАР КОЈ СЕ ГРАДИ 11 ГОДИНИ ЌЕ БИДЕ ГОТОВ ДО КРАЈОТ НА 2026, КАЖА ЉУТКОВ

    СТАРИОТ СТРУМИЧКИ ТЕАТАР КОЈ СЕ ГРАДИ 11 ГОДИНИ ЌЕ БИДЕ ГОТОВ ДО КРАЈОТ НА 2026, КАЖА ЉУТКОВСтариот струмички театар почна да се гради во 2014 откако објектот изгоре во пожар во 2001 година. (Фото: СДК.МК)

    Стариот струмички театар, кој се гради 11 години, ќе биде готов и пуштен во употреба до крајот на 2026 година, најави министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Тој кажа дека наредниот месец ќе биде распишан тендер за изведувач за довршување на овој објект, каде што треба да се смести и самостојно да функционира Струмичкиот театар.

    „Наследивме многу закочени проекти, меѓу кои беше и изградбата на стариот Струмички театар. Договорот таму e раскинат спогодбено. Направивме ревидирање на основниот проект за да ги видиме сите пропусти. Имаме озбезбедено средства за овој капитален објект и за еден месец ќе се распише тендер за продолжување на изградбата со двегодишно финансирање. Нашата тенденција е до крајот на 2026 да биде отворен овој капитален објект“, рече министерот Љутков.

    Тој не прецизираше колку пари се потрошени и уште колку ќе требаат за да се заврши театарот. При поставувањето на камен-темелникот во 2014 беше кажано дека ќе чини 3,6 милиони евра.

    За почеток се обезбедени осум милиони денари, но не се исклучува можност со ребаланс на буџетот да се обезбедат дополнителни средства.

    „Овој објект е поминат во планот на Владата и до крајот на 2026 година треба да биде готов. Направивме увид на состојбите во Струмица. Таму од страна на струмичкиот Завод и музеј се работи на потпорниот ѕид. Доколку имало пропусти, тогаш целата документација ќе оди во соодветните институции“, одговори Љутков запрашан дали некој ќе одговара за долгиот период на изградба.

    Стариот струмички театар почна да се гради во 2014 откако објектот изгоре во пожар во 2001. Шестмина министри за култура се сменија од ставањето на камен-темелникот. Сите доаѓаа, вршеа увид и ветуваа дека наскоро или до крајот на годината ќе биде готов. Зградата е завршена веќе подолг период, но не и внатрешниот дел за да може да се стави во функција.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира