СТАВИВМЕ РАМПИ ЗА ДА НЕ ВЛЕГУВААТ КОЛИ, А ВТОРИОТ ДЕЛ ОД ГРАДСКИ ПАРК ЌЕ ГО РЕНОВИРАМЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА „ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИЛО“ АРДИЈАН МУЧА

    СТАВИВМЕ РАМПИ ЗА ДА НЕ ВЛЕГУВААТ КОЛИ, А ВТОРИОТ ДЕЛ ОД ГРАДСКИ ПАРК ЌЕ ГО РЕНОВИРАМЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА „ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИЛО“ АРДИЈАН МУЧАДиректорот Муча вели дека на потегот од Луна паркот до хотелот „Александар Палас“ ќе се засаси ново зеленило, дрвја, украсни грмушки, цвеќиња, ќе се асфалтираат пешачките патеки и ќе се постави комплетно нов систем за наводнување.(Фото: Фејсбук)

    Вториот дел од Градскиот парк комплетно ќе се реновира. Директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Ардијан Муча вели дека заедно со Град Скопје работат на проект кој комплетно ќе го смени изгледот на овој дел од паркот. Ќе се засади ново зеленило, дрвја, украсни грмушки, цвеќиња, ќе се асфалтираат пешачките патеки и ќе се постави комплетно нов систем за наводнување.

    „Овој дел од паркот на потегот од Луна паркот до хотелот ‘Александар Палас’ не е чепнат 70 години. Ништо не е уредено ниту партерно, ниту хортикултурно, пешачките патеки се полни со дупки, мостовите искршени. Во моментов се снима цела територија на тој дел од паркот која воопшто не е мала, за да се направи проект за наводнување, како и за уредувањето со зеленило, цвеќиња и урбана опрема“, вели Муча.

    Поради проблемот со паркирани коли во зеленилото во вториот дел од паркот, Муча вели дека извршена е замена на сите рампи кои биле искршени, па граѓаните слободно си влегувале во паркот.

    „На овие места каде што има помали диви премини, во соработка со ЈП ‘Улици и патишта’ поставивме столпчиња. Сега паркот ќе биде ослободен од коли, но апелираме до граѓаните да не ги уништуваат рампите и столпчињата и да го почитуваат режимот на забранет сообраќај“, додава Муча.

    ЈП „Паркови и зеленило“ како што вели директорот Муча 2018 година за прв пат после многу години ја завршиле во позитива од 300.000 денари. Минатата година за разлика од 2017 година подигнати биле дупло повеќе зелени површини, односно 127.000 метри квадратни. За оваа година најави нови 43 зелени површини, меѓу кои и паркот кај Македонската филхармонија и садење на 12.000 високо квалитетни дрвја.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира