Од петокот, на вработените во скопската Зоолошка градина како нов директор им се претставува Стево Ќирков, кој беше советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје во мандатот на Данела Арсовска. Ќирков закажува состаноци во директорската канцеларија со вработените на Зоолошката, за плановите за подобрување на условите во неа.
САКАМДАКАЖАМ.МК во петокот испрати прашање до кабинетот на градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, дали е назначен нов директор на Зоолошката градина. Одговор не добивме.
Денеска Ќирков ни изјави дека уште не е официјално назначен на функцијата, но тоа треба да се случи деновиве.
„Јас сум изборот на градоначалникот Ѓорѓиевски за оваа функција. Во Зоолошката градина одам за да се запознаам со тимот и колегите со кои ќе работам откако ќе бидам официјално назначен, по што ќе одржам и средба со новинарите“, ни рече Ќирков во телефонски разговор.
До САКАМДАКАЖАМ.МК читатели испратија пресуда од Основниот кривичен суд Скопје во која лицето С. Ќ. е осудено за измама во 2016 година. Како што стои во пресудата, тој е осуден на затворска казна од 6 месеци, која нема да се изврши доколку во рок од една година не стори друго кривично дело. Како што стои во пресудата, С. Ќ. продавал куче за кое лажел дека имал педигре, по што оштетеното лице го тужел и го добил случајот.
На нашето прашање дали е осуден за измама со продажба на кучиња во 2016 година, Ќирков ни рече дека тоа не е точно, дека тој случај бил оспорен и ни прати документ за неосудуваност. Документот е изваден на 12 јули 2025, му требал за работа во Хрватска.
Според законот, условната осуда се брише од казнената евиденција по една година откако ќе помине времето за проверка ако во тој период лицето не стори ново кривично дело.
Од Град Скопје до објавување на текстот не одговорија на нашите прашања дали Ќирков е осудуван за измама во 2016 година.
А. АНТЕВСКА



