СТОЈАНЧЕ АНГЕЛОВ ПОБАРА 26 МАРТ ДА БИДЕ ПРОГЛАСЕН ЗА ДЕН НА БРАНИТЕЛИТЕ, НА 20-ГОДИШНИНАТА ОД ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ТЕТОВСКОТО КАЛЕ

    СТОЈАНЧЕ АНГЕЛОВ ПОБАРА 26 МАРТ ДА БИДЕ ПРОГЛАСЕН ЗА ДЕН НА БРАНИТЕЛИТЕ, НА 20-ГОДИШНИНАТА ОД ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ТЕТОВСКОТО КАЛЕАнгелов повика на целосно помирување меѓу бранителите и ветераните од УЧК. (Фото: СДК.МК)

    На денешен ден се навршуваат дваесет години од успешната полициско-воена акција со која безбедносните сили на Македонија го ослободија тетовското Кале, кое од 14 март 2001 беше во рацете на припадниците на албанската паравоена формација УЧК. По дводневни борби, на 26 март македонските бранители повторно воспоставија контрола врз ова стратешко место, а припадниците на УЧК беа протерани од овој простор. По тој повод, дел од припадниците на македонските безбедносни сили и партијата Достоинство на тетовското Кале го одбележаа овој значаен настан од нашата поблиска историја кој, како што беше речено, е првата целосна победа на македонските безбедносни сили врз припадниците на УЧК.

    „Токму овој ден, кога е издвојувана првата голема воена победа од страна на македонските безбедносни сили, предлагаме да биде прогласен за Ден на македонските бранители. Досега одбележувавме само денови на кои што се загинати македонски бранители, затоа сакаме во иднина поголемо внимание да им посветиме на некои од нашите големи воени победи“, изјави Стојанче Ангелов од Достоинство.

    Сепак, за Ангелов, ова одбележување не треба да биде повод за нови омрази туку чекор кон целосно помирување на тогаш завојуваните страни.

    „Целта на одбележувањето на овој ден не е да шириме омраза, не е да се сеќаваме на минатото за да создаваме немир во сегашноста и лошо во иднината. Напротив, не само ние македонските бранители, туку сите македонски граѓани и Македонци и Албанци и другите, треба да се сеќаваме на војната од 2001 година и со заеднички сили да се трудиме никогаш повеќе да не ни се повтори такво зло, бидејќи само мирот е тој што ќе овозможи благосотојба на сите македонски граѓани. Затоа, како Достоинство повикуваме на продолжување на процесот на помирување, особено помеѓу непосредните учесници, а тоа се припадниците на македонските безбедносни сили, односно бранителите и ветераните од УЧК. Овој процес мора да биде заокружен со целосно помирување“, додаде Ангелов.

    Со избивањето на конфликтот на 14 март 2001, силни воени сили на УЧК го запоседнаа тетовското Кале и од таму ја контролираа целата околина претставувајќи директна опасност за Тетово. Воено-полициската акција на македонските безбедносни силе траеше два дена. Тетовскот Кале беше повторно освоено, беше запленета голема количина оружје и муниција, а припадниците на УЧК беа избркани од тој простор и така остана сѐ до завршувањето на воениот конфликт.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира