СТОКА ИМА, ПАРИ НЕМА ЗА КУРБАН БАЈРАМ ВО ТЕТОВО

a:2:{s:16:"td_post_template";s:22:"single_template_civica";s:9:"td_source";s:45:"Тетово,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    СТОКА ИМА, ПАРИ НЕМА ЗА КУРБАН БАЈРАМ ВО ТЕТОВО

    Блеење на стотици овци и кози, мукање на голем број крави и бикови – денес просторот околу стариот градски стадион во Тетово е претворен во голем сточен пазар. Секогаш е вака на ден пред утрешниот голем муслимански празник Курбан бајрам, тогаш овој простор се претвара во еден од најголемите сточни пазари во Македонија.

    Калта што ја има насекаде, јакиот мирис на животински измет и дождот кој одвреме-навреме ќе почне да паѓа, воопшто не им пречи на луѓето кои се дојдени тука. Нивните очи се вперени во добитокот кој се продава, бидејќи утре е Курбан бајрам и нешто мора да се купи и да се однесе дома за да се одбележи празникот. Дали тоа ќе биде овца или пак некој голем бик, тоа зависи од дебелината на паричникот на купувачот. Понудата на добиток е поголема од минатата година.

    Понудата на добиток е поголема од лани, ама послабо се купува (Фото: Зандон)

    Понудата на добиток е поголема од лани, ама послабо се купува (Фото: Зандон)

    „Сточните пазари во Македонија неколку месеци беа затворени поради болести на стоката. Пред две-три недели повторно се отворија и затоа сега овде има повеќе стока, но пак е тешко за продажба бидејќи народот нема пари“,  вели Осман од Ѓермо, кој секоја година овде продава овци за Курбан бајрам.

    На пазарот е врвулешница од луѓе. Многумина гледаат, споредуваат од еден до друг продавач, бираат што ќе купат. Сите сакаат да ја купат најубавата овца или овен, а тие по правло секогаш се најскапи.

    „Донесов 80 овци за продавање, но годинава продажбата оди нешто послабо. Овците одат од 80 до 100 евра, овните се поскапи и чинат меѓу 130 и 150 евра, зависи од големината и убавината“, ни рече Хајрула од село Вејце.

    Веднаш до него, во импровизирано трло покрај неколку овци е и еден овен вистински капиталец.

    Пазарењето е цел ритуал, тој што продава ја кажува цената и му ја подава раката на купувачот, овој пак исто ја кажува цената што ја нуди и го удира по шаката продавачот (Фото: СДК.МК)

    Пазарењето е цел ритуал, тој што продава ја кажува цената и му ја подава раката на купувачот, овој пак исто ја кажува цената што ја нуди и го удира по шаката продавачот (Фото: Зандон)

    “Барам 250 евра за овој овен, ни евро подолу. Гледај го каков е, убавец му нема рамен на целиот овој пазар. Многумина се интересираат за него, прашуваат за цена го гледаат. Цената е висока но тој навистина вреди толку и сигурен сум дека ќе го продадам“, вели Муарем и ни го покажува овенот капиталец со прекрасни големи рогови и руно како од злато.

    Обичаите велат дека колку поубаво животно ќе се заколе за Курбан бајрам, толку ќе биде поголем бериќетот за семејството. Подолу од нив се продаваат крави и бикови. И овде луѓето се жалат дека продажбата не оди најдобро поради немаштијата.

    “Крави има, ама луѓето немаат пари. За оваа крава барам само 600 евра и пак тешко дека ќе ја продадам. Биковите се на повисока цена. Ги продавам од 1.000 до 1.200 евра, зависи од големината и колку е убав бикот, зашто купувачите за Бајрам и тоа посебно го гледаат“, вели Бесар од Желино.

    Околу еден голем бик се собрани поголем број луѓе. Во тек е пазарење меѓу продавачот и муштеријата. Бејтула бара 1.500 евра за бикот, Ферат не сака да даде повеќе од 1.300. Пазарењето е цел ритуал, тој што продава ја кажува цената и му ја подава раката на купувачот, овој пак исто ја кажува цената што ја нуди и го удира по шаката продавачот. Пазарењето може да трае долго, а завршува кога ќе си ги стиснат рацете и три пати ќе се поздрават.

    Обичаите велат дека колку поубаво животно ќе се заколе за Курбан бајрам, толку ќе биде поголем бериќетот за семејството (Фото: Зандон)

    Обичаите велат дека колку поубаво животно ќе се заколе за Курбан бајрам, толку ќе биде поголем бериќетот за семејството (Фото: Зандон)

    “Официјална“ валута овде е еврото.

    “За овој убав бик платив 1.450 евра. Да, тоа е многу пари но не жалам. Дојдов специјално од  Германија, каде работам, за да ги направам адетите за Курбан бајрам“, вели младиот Ќазим задоволен од направениот пазар.

    Курбан Бајрам спаѓа меѓу најголемите верски празници кај муслиманите. Обичајот вели дека за негово одбележување верниците треба да заколат, односно да жртвуваат некое домашно животно, најчесто овца или овен. Тие побогатите колат крава или бик, а оние посиромашните може и коза.

    Чинот на жртвувањето  на животното мора да се направи на денот на празникот веднаш после утринската молитва, а тоа на сите од семејството ќе им донесе среќа и бериќет. Месото од закланото животно, односно курбанот, домаќинот го дели на три дела: едниот дел го остава за семејството, вториот дел го дава за блиските роднини или соседи а третиот дел е за сите други сиромашни луѓе без разлика на верата. Затоа, муслиманите велат дека Курбан бајрам е празник на жртвувањето, но и на дарувањето.

    З. Андонов

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари