СТОП ЗА СЕЧЕЊЕТО ДРВЈА ВО ОХРИД, СТОП ЗА СИЛУВАЊЕТО НА ИДНИНАТА НА НАШИТЕ ДЕЦА, ПОБАРАА НА МИРЕН ПРОТЕСТ ГРАЃАНСКИ АКТИВИСТИ

    СТОП ЗА СЕЧЕЊЕТО ДРВЈА ВО ОХРИД, СТОП ЗА СИЛУВАЊЕТО НА ИДНИНАТА НА НАШИТЕ ДЕЦА, ПОБАРАА НА МИРЕН ПРОТЕСТ ГРАЃАНСКИ АКТИВИСТИГраѓанските активисти прашуваат дали сите дрвја се заболени и дали за секое дрво поединечно била утврдена состојбата од стручни лица по излегување на терен. (Фото: принтскрин)

    Под мотото „Дрвјата се воздухот и сенката и играта на нашите деца“, граѓанската иницијатива Охрид СОС денеска пред општинската зграда одржа протест против сечењето на дрвата на улицата „Македонски просветители“ во центарот на Охрид.

    „Протестот е против сечењето на 62-децениски дрвја во Охрид. Ние сме никој и ништо, но ние сме сите, сите вие, сите ние. Доста се сечеа дрвјата во нашиот град, тие припаѓаат на нашите деца, тие треба да одлучуваат за нив, не се наши, не се на државните институции. Стоп на силувањето на иднината и сегашноста на нашите деца“, порачаа од Охрид SOS.

    Од Општина Охрид велат дека стариот дрворед од липи и костени на улицата „Македонски Просветители“ се отстранува поради работните активности за реконструкција на улицата, согласно издаденото решение од Министерството за транспорт и врски.

    „Со реконструкцијата на улицата ќе биде отстранет стариот дрворед од липи и костени. За таа цел согласно член 34 од Законот за урбано зеленило од страна на Градоначалникот , донесено е решение од 22.11.2021г. за отстранување на 49 липи и 13 костени кои се дрва со надмината физиолошка и биолошка возраст, дрва нападнати од карантински болести и штетници со значителни физички оштетувања по разни основи и заболени дрва кај кои не постои можност за успешно санирање на нивната здравствена состојба. Овие стебла се наоѓаат на потегот од пресекот со Кеј „Македонија“ до пресекот со ул. „Даме Груев“ и ќе бидат отстранети при изведување на првата фаза од реконструкцијата на булeварот „Македонски Просветители“, велат од Општина Охрид.

    Од Локалната додаваат дека на потегот се наоѓаат и 10 млади стебла од јавор кои ќе бидат пресадени на друга локација, а по завршување на градежните активности, согласно предвидениот проект ќе биде засаден нов дрворед со соодветни садници.

    Граѓанските активисти прашуваат дали сите дрвја се заболени и дали за секое дрво поединечно била утврдена состојбата од стручни лица по излегување на терен. За нив е спорно и тоа што сите дрвја добиваат ист третман без претходно да се направи поединечна анализа за староста и оштетувањата но и бараат одговорност за негрижата со која тие се нашле во таква состојба.

    „Јавноста со право реагираше за планот за отстранување на дрворедот кој е еден од малкуте во градот кои нудат сенка и се на еден начин бели дробови на урбаното градско подрачје. Како општество мораме да се погрижиме и да се адаптираме на природата во услови кога се соочуваме со се поголема бетонизација и климатски промени кои веќе ни чукаат на врата. Секое дрво е важно“, додаваат од Охрид СОС.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира