СТРУГА Е ГРАД НА ПЛИВАЧИ, А 15 ГОДИНИ ИМА БАЗЕН РУИНА ПОЛНА СО ЃУБРЕ

    СТРУГА Е ГРАД НА ПЛИВАЧИ, А 15 ГОДИНИ ИМА БАЗЕН РУИНА ПОЛНА СО ЃУБРЕРеконструкцијата од 2019 од 30 милиони денари предвидуваше базен до крајот на 2021, а договорот со изведувачот е раскинат. (Фото: СДК.МК)

    Затворениот базен во Струга, кој со години е нефункционален и надвор од употреба, ќе чека нов изведувач за негова реконструкција оти договорот со избраната фирма од 2019 е раскинат. За една година успеале да постават само табла и да го заградат просторот а објектот и понатака е запуштен и руиниран.

    Реконструкцијата која требаше да чини 30 милиони денари предвидуваше функционален базен до крајот на 2021, но изведувачот сам побарал од Агенцијата за спорт и млади раскинување на договорот.

    „Фирмата која го доби тендерот поради ковид пандемијата не можела да ги исполни обврските па побара раскинување на договорот пред два месецa. Договорот е веќе раскинат со сите пенали предвидени во него за раскинување на договорот на штета на самата фирма. Активирана е и банкарската гаранција“, вели директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски.

    Сега ќе се бара нов изведувач на изградбата на Струшкиот базен, кој повеќе од 15 години стои како руина со срушени ѕидови и служи најчесто за фрлање отпад.

    Според Мојсоски, предвидено е новоизбраната фирма да започне со градежните активности од мај, а за една година да заврши целиот проект.

    Стружани се револтирани од ваквите најави. Велат дека ниту една власт не си ги исполнила ветувањата, а базенот секогаш се користел во изборните програми, но само како една голема лага.

    „Струга е град на многу пливачи, децата некогаш тренираа тука, а денес е една голема рушевина обрасната со треви. На кровот има израснато и дрва. Сликата е грозна. Кој стигна вети, но никој ништо не направи. Не верувам ни сега. Ова се само празни ветувања“, вели повозрасен стружанец.

    Застој има и во градбата на затворениот базен во Охрид. Објектот започна да се гради во 2015  и требаше да биде готов за 30 месеци, но и по 5 години сѐ уште не е завршен. Проектот чини околу 5 милиони евра, а инвеститор е Агенцијата за млади и спорт.

     С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира