СТРУГА НЕ ГИ СПРОВЕДУВА ПРЕПОРАКИТЕ НА УНЕСКО, ГРАЃАНСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА БАРААТ ОДЗЕМАЊЕ НА ИНГЕРЕНЦИИТЕ НА ОПШТИНАТА ЗА ВИСОКОКАТНИЦИ

    СТРУГА НЕ ГИ СПРОВЕДУВА ПРЕПОРАКИТЕ НА УНЕСКО, ГРАЃАНСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА БАРААТ ОДЗЕМАЊЕ НА ИНГЕРЕНЦИИТЕ НА ОПШТИНАТА ЗА ВИСОКОКАТНИЦИУНЕСКО пред две години побара од институциите да изготват стратегија и план за заштита на природното наследство, но Струга сè уште нема изработено ни регистар на дивоградби.(Фото. СДК.МК)

    Граѓанските здруженија обвинуваат дека Струга не ги спроведува препораките на УНЕСКО. Велат дека урбанизацијата, дивоградбите и загадувањето се најголема закана Охридскиот регион од заштитено подрачје да се најде на листата на светско наследство во опасност.

    „Во Струга имаме многу стручни и критични проблеми во однос на сите препораки. Тоа што јас би го потенцирал е хаотичната состојба на целиот систем и на Општините и на Владата“, вели Ндерим Положани од невладината „Капс“ Струга.

    Според него потребна е итна ревитализација на блатата и поголема заштита на трската како и поголема соработка од страна на општинските власти за заштита на природата.

    „Потребна е добра волја од страна на надлежните за да ја сочуваме и природата и Охридското Езеро, но и да се воведе ред во урбанизацијата. Мора да се среди, мора и крајбрежието да има план за по тој план да се развива регионот, бидејќи ние во овој регион туризмот го имаме како најголем придонес во економијата“, додава Положани.

    УНЕСКО пред две години побара од институциите да изготват стратегија и план за заштита на природното наследство, но Струга сè уште нема изработено ни регистар на дивоградби. Неофицијално таму има над илјада дивоизградени објекти, а продолжува и претераната урбанизација и узурпација на брегот на езерото.

    Само во последните неколку месеци полицијата поднесе повеќе кривични пријави за нелегално поставување на урбана опрема како и за бесправно градење. Ставот на градоначалникот Рамис Мерко и понатака е дека во градот нема дивоградби, а угостителските објекти на плажите имаат договори а плаќаат и закупнина.

    Невладините организации од Охрид и Струга кои неодамна кажаа дека Извештајот за состојбата со природното и културно наследство на Охридскиот Регион испратен до УНЕСКО не одговара на реалната ситуација, ќе бараат одземање на ингеренциите на Советите во двете општини во однос на урбанистички планови за висококатници. Овој предлог се однесува на одлуки во заштитеното јадро, на брегот на Охридското Езеро и заштитената зона.

    „Да му се одземат надлежностите во период да речеме од пет години да не може да носи урбанистички планови за висококатници. Урбанистичките планови нека ги преземе Министерството за транспорт и врски како една надлежна институција која што посеопфатно и постручно ќе ги образложува тие детални урбанистички планови“, вели Никола Киселинов од невладината „Билјана“.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира