СТРУГА ЗА 20 ГОДИНИ ИЗГУБИЛА 20 ОТСТО ОД НАСЕЛЕНИЕТО, МЛАДИТЕ МАСОВНО СЕ ИСЕЛУВААТ И ОД ОХРИД

    СТРУГА ЗА 20 ГОДИНИ ИЗГУБИЛА 20 ОТСТО ОД НАСЕЛЕНИЕТО, МЛАДИТЕ МАСОВНО СЕ ИСЕЛУВААТ И ОД ОХРИДСпоред последниот попис, Охрид има над 4.300 жители помалку во споредба со 2002 (Фото: СДК.МК)

    Струга е меѓу градовите од каде има најголемо иселување во последните 20 години. Резултатите од годинашниот попис споредени со оној во 2002 покажуваат дека има 12.396 жители помалку, односно населението се намалило за скоро 20%, па денес, општината брои 50.980 жители. Стружани велат дека младите масовно се иселуваат, а причините за тоа ги гледаат во немањето работа, сиромаштијата, корупцијата и нефункционирањето на системот.

    „Младите завршуваат факултет и немаат работа. Нормално дека бараат да си заминат, оти тука не можат да заработат за достоен живот. Вработување само со партиска книшка, а тој што учел останува дома. Затоа ни се празни државата, ни заминаа децата и уште полошо ќе биде“, вели повозрасен стружанец кој пред пет години го испратил синот на работа во Германија.

    Никола Кукунешоски, активист од Струга, смета дека бројките од пописот се нереални, но и тој вели дека иселувањето е процес кој долго трае и нема да запре, оти младите се незадоволни од состојбите во државата.

    „Ниту претходниот попис, ниту овај не можат да ни дадат реална слика за тоа што навистина се случува со населението во Струга и Струшко. Иселување има, тоа е факт. Станува збор за население кое живее од печалбарство, но тоа не е тренд само од последниве 19 години, тоа е подолг процес“, вели Кукунешоски.

    Наспроти бројката за иселени лица, во последните две децении во Струга има пораст на домаќинства и станови.

    „Имаме зголемување на домаќинствата за 121 и околу 4.000 новоизградени станови. Ако навистина е такво иселувањето, тогаш и овие бројки треба да бидат во сериозна стагнација“, вели Кукунешоски.

    Резултатите од пописот покажаа дека има намалување на младата популација и во Охрид. Во споредба со пописот од 2002, кога најбројна била возрасната група од 20-24 години (2.276 лица), сега таа е намалена на 1.270 лица.

    Професорот Науме Мариноски од Факултетот за туризам во Охрид вели дека власта мора да најде мерки да ги задржи младите во државата.

    „Иселувањето на младата популација се одразува на бројот на ученици во основните и средните училишта и на високото образование. На потег се властите за да се подобри квалитетот на живот, а тоа подразбира отворање работни места, субвенционирање и заштита на женската популација“ , вели Мариноски.

    Охрид брои 51.428 жители или 4.321 помалку споредбено со пописот од 2002.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира