СТРУМИЧКИОТ КАРНЕВАЛ СЕ ПРЕКИНУВА ПОРАДИ РИЗИК ЗА ШИРЕЊЕ НА КОРОНАВИРУСОТ, СЕ ЧЕКА ПОТВРДА И ОД ВЛАДАТА

    СТРУМИЧКИОТ КАРНЕВАЛ СЕ ПРЕКИНУВА ПОРАДИ РИЗИК ЗА ШИРЕЊЕ НА КОРОНАВИРУСОТ, СЕ ЧЕКА ПОТВРДА И ОД ВЛАДАТАНа годинашниов карневал во Струмица се очекуваа 1.500 карневалити од земјава и странство кои требаше да допатуваат вечерва или во текот на утрешниот ден за да земат учество на карневалот кој оваа година одбележува 30 години од возобновувањето во организирана форма; - Од ланското издание на Струмичкиот карневал. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Струмичкиот карневал, кој започна завчеравечер, се прекинува поради појавата на коронавирусот во земјава. По препорака на епидемиолозите, откажани се сите понатамошни карневалски активности, одлучи организациониот одбор на карневалот во корелација со координативното тело од Скопје, со оглед дека во Струмица се очекуваат десетици илјади посетители и туристи за вечерашниов голем маскенбал, утрешното главно карневалско дефиле, неделниот детски карневал.

    Четири објекти во Струмица каде што живеат луѓе кои патувале заедно со првата заразена од коронавирусот се ставени под медицински надзор и изолација.

    „Официјална одлука треба да донесе Владата за забрана за одржување манифестации и јавни собири. Ние ги следиме препораките од Координативното тело. Со оглед дека очекуваме илјадници посетители не сакаме да се изложуваме на ризик. На таа линија беа и групите кои ќе учествуваат на карневалот“, кусо кажаа од организациониот одбор.

    Синоќа се одржа големиот концерт под маски на музичкото училиште „Боро Џони“. Членовите на организациониот одбор имале состанок и биле на линија со Комитетот за управување со кризи пред и после и концертот. Разговарале и со карневалските групи кои дале согласност да се прекине карневалот во интерес на здравјето на учесниците и гостите.

    Да се откажат карневалите во Струмица и Прилеп било препорака на епидемиолозите од Комисијата за заразни болести, кои сметаат дека масовните собирања може да придонесат за ширење на вирусот. Допрва треба да се конкретизира кога ќе се реализира годинашново издание на струмичкиот карневал кој започна завчера.

    На годинашниов карневал во Струмица се очекуваа 1.500 карневалити од земјава и странство кои требаше да допатуваат вечерва или во текот на утрешниот ден за да земат учество на карневалот кој оваа година одбележува 30 години од возобновувањето во организирана форма.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира