СТРУМИЧКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ДОБИЈА ВОЗИЛО ЗА ГАСНЕЊЕ ПОЖАРИ ВО НЕПРИСТАПНИ ДЕЛОВИ ОД ГРАДОТ

    СТРУМИЧКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ДОБИЈА ВОЗИЛО ЗА ГАСНЕЊЕ ПОЖАРИ ВО НЕПРИСТАПНИ ДЕЛОВИ ОД ГРАДОТВозилото ќе може да се користи и при шумски пожари (Фото: СДК.МК)

    Теренско возило со капацитет од 400 литри вода, системи за гаснење пожари со екстремно висок притисок, генератори за електрична енергија, водоводни пумпи, чамци за спасување, дефибрилатор за прва помош, ова е само дел од опремата што ја доби струмичката противпожарна единица преку проектот „Заштита на локалното население од општините Петрич и Струмица од природни катастрофи и катастрофи предизвикани од човекот“ од Програмата за прекугранична соработка со Бугарија, вреден околу 120.000 евра. Како што изјави градоначалникот на Струмица Коста Јаневски, станува збор за возило кое ќе биде од голема важност во справувањето со пожари во непристапни делови од градот.

    „Овој систем има голема вредност за Општина Струмица, бидејќи освен за гаснење шумски пожари, ќе овозможи и интервенции во повисоките делови од градот, каде што поради сообраќајници со несоодветна широчина, невозможно е да пристапи големо противпожарно возило. Ова теренско возило има систем за два модула, како за шумски пожари, така и за поплави, за кои набавена е и специјализирана опрема“, изјави Јаневски.

    Проектот предвидува и обука на пожарникарите од Струмица и Петрич со цел нивно вмрежување во случај на заеднички интервенции во прекуграничниот регион.

    Струмичката противпожарна единица покрива регион со околу 90.000 жители и според последните истражувања на Центарот за граѓански комуникации, располага со 12 возила. Наскоро треба добие уште едно возило, но и професионална заштитна опрема за сите пожарникари.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира