Средношколци од Струмица во големиот Градски парк засадија јавор во чест на 63-те загинати во поарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025. Иницијатори беа учениците сместени во домот при СОУ „Димитар Влахов“, а им се приклучија и средношколци од трите училишта. Рекоа дека сакаат несреќата никогаш да не се заборави, а дрвото да биде жив спомен на вредноста на животот и човечката солидарност.
Дрвце ќе биде засадено и во дворот на Музичкото училиште во Струмица, каде што работеше младиот музичар Ѓорѓи Ѓоргиев, кој почина во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Сакаме да покажеме дека ваквите трагедии не смеат да се повторат. Во спомен на овие наши ангели засадивме дрвце за да нè потсетува постојано кога ќе шетаме во паркот. Мора да бидеме сплотени, само така ќе можеме да ги пребродиме тешките моменти“, кажа средношколецот Марко Јовановски.
Поддршка на учениците им дадоа и училиштата, ЈП „Комуналец“ и Општината. Сите дојдоа во паркот и со едноминутно молчење оддадоа почит на загинатите од Кочани.
„Ова не е само одбележување на годишнина, туку потсетник колку е скап животот и колку се важни човечноста и солидарноста. Трагедијата во ‘Пулс’ не смее да се заборави, но од неа можеме да извлечеме сила, надеж и одговорност. Со ова дрвце садиме сеќавање, почит, надеж и ветување дека ќе ги паметиме“, кажа Билјана Барактарова, директорка на „Димитар Влахов“.
- НЕМА ДА ЗАБОРАВИМЕ, РЕКОА РОДИТЕЛИТЕ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ВО 02:32 ЧАСОТ ПРЕД ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“ ШТО ИЗГОРЕ СО 63 ЖРТВИ
- НЕ СТЕ САМИ И НЕ СТЕ ЗАБОРАВЕНИ, ИМ РЕКОА ТЕТОВЦИ НА РОДИТЕЛИТЕ ОД КОЧАНИ НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА ГОДИШНИНАТА ОД ПОЖАРОТ ВО „ПУЛС“
Со поставување на симболичната инсталација „63 бели столчиња-63 животи“ во Паркот на револуцијата и со комеморативен настан во Центарот за култура „Бели мугри“, денеска во Кочани се одбележува годишнината од пожарот во дискотеката „Пулс во кој загинаа 63 главно млади луѓе и деца, а повеќе од 200 беа повредени.
Во пожарот во кочанската дискотека загинаа: Алексова Стефанија, Џамов Јорданчо, Трајчев Иван, Ѓоргиев Џоко, Коларов Александар, Величков Иван, Стојанов Андреј, Антова Ивона, Христовски Павел, Димитријев Диме, Насевски Никола, Богданов Тоше, Тодоровски Тоше, Коцева Ана, Живков Адријан, Петрушов Гордан, Горгиев Игорче, Стевановски Филип, Стојанов Томче, Стоименова Моника, Стојанов Стојанчо, Пројковска Николовска Capa, Шопова Марија, Ивановски Петар, Ѓорѓиев Александар, Марковски Матеј, Закова Бојана, Василков Ѓорѓи, Петров Александар, Минова Драгана, Алексова Capa, Ѓорѓиески Андреја, Ивановски Филип, Јорданова Capa, Стрезоска Марија, Ефремов Александар, Велков Игор, Тасева Стојковска Лепа, Атанасовски Мартин, Алексов Александар , Минов Божидар, Милковска Кети, Златков Томас, Соколова Стефанија, Велков Леонид, Наунова Надица, Јорданов Виктор, Панов Андреј, Иванов Димитар, Стоименов Спиро, Владимиров Јове, Андонов Ице, Тасевски Стефан, Величков Ѓорѓи, Стојанов Александар, Христова Сања, Танески Дамјан, Спасова Моника, Лазаров Андреј, Карадакоски Александар, Гавриловски Александар , Стефанов Стојанче, Блажев Владимир Панчо.
В. ТРАЈКОВ



