СТРУШКАТА БОЛНИЦА ПРЕПОЛНА, ТЕШКО БОЛНИТЕ ОД КОВИД-19 СЕ НОСАТ ВО СКОПЈЕ

    СТРУШКАТА БОЛНИЦА ПРЕПОЛНА, ТЕШКО БОЛНИТЕ ОД КОВИД-19 СЕ НОСАТ ВО СКОПЈЕПравиме ротации на медицински сестри по одделенија. Голема помош имаме и од Здравствениот дом, посебно од Брзата помош која секојдневно дава терапија на пациентите кои се позитивни, а се на домашно лекување. Во спротивно, сите тие пациенти ќе мораше да ги сместиме на оддел и не ќе можевме да функционираме, вели главната сестра на Струшката болница Бранкица Мариноска. (Фото: СДК.МК)

    Струшката болница ги исполни капацитетите предвидени за ковид болните. Потешките се препраќаат во Скопје, но и таму има се помалку слободни места. Од болницата велат дека бројките растат секојдневно, па спасот го гледаат во модуларната болница која, според најавите, треба да биде готова до почетокот на декември.

    Персоналот, соочен со секојдневниот ужас и гладот за воздух на тешко болните, се бори со сопствениот умор кој од ден на ден е сè поголем. Проблем во функционирањето е и што има 20 заболени медицински лица, од кои шест се лекари.

    „Мора да издржиме. Пациентите не смеат да се запоставени. Целиот персонал е на располагање иако е преуморен. Правиме ротации на медицински сестри по одделенија. Голема помош имаме и од Здравствениот дом, посебно од Брзата помош која секојдневно дава терапија на пациентите кои се позитивни, а се на домашно лекување. Во спротивно, сите тие пациенти ќе мораше да ги сместиме на оддел и не ќе можевме да функционираме“, вели главната сестра на Струшката болница Бранкица Мариноска.

    Во болницата има 24 ковид позитивни пациенти и околу 10 суспектни во двата ковид-центри, Интерното и Детското одделение. Повеќето болни се зависни од кислородна поддршка. Најкритичните се транспотрираат на скопската Инфективна клиника и во Градската општа болница „8 Септември“.

    Коронавирусот носи непредвидливи ситуации, состојба која се менува од час во час, велат од болницата.

    Состојбата на 45-годишен стружанец завчера се влошила наеднаш и тој е префрлен во Скопје. Друг пациен вчера починал без да го дочека резултатот од тестот. Има и такви кои се со негативни тестови, но имаат тешка клиничка слика како последица од прележан ковид-19.

    „Вирусот е многу непредвидлив, така што за еден час општата состојба на пациентот се менува. Апсолутно невидлив, во момент сатурацијата е 90- 95 со многу малку дотур на кислород, а после еден час кислородот во крвта нагло паѓа и пациентот е во многу тешка состојба и бараме начини да го опоравиме, но ако не можеме бараме начин да го носиме Скопје. Проблем плус е што и скопските болници се преполни. Досега, за среќа, успеваме да најдеме слободно место“, вели Мариноска.

    Дневната потрушувачка на кислород во струшката болница е 3. 500 литри, што е за пет пати зголемена во однос на потребите во нормални услови.

    „Со кислород тешко се снаоѓаме бидејќи и на ниво на држава нема доволно кислородни боци, но засега не сме останале без кислород за пациентите“, велат од болницата.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира