Јавните здравствените установи на Охрид и Струга денеска, во рамките на Грант програмата за мали проекти за човекова безбедност (GGP) од Јапонија, добија вредна медицинска апаратура со која ќе се подобри квалитетот на здравствените услуги. Во Општата болница во Охрид беше дониран нов мобилен дигитален рентген апарат во вредност од над 60 илјади евра, додека Струшката болница доби модерен ултразвучен систем за Гинеколошкото одделение во вредност од над 50 илјади евра.
На потпишувањето на договорите за имплементација на проектот, амбасадорот на Јапонија Хиронори Савада рече дека со ваквиот грант општините ќе добијат навремени и безбедни здравствени услуги.
„Во рамките на иницијативите на Западен Балкан, Јапонија е силно посветена да ја поддржи Северна Македонија во социјалниот и економскиот развој, што е многу важно за интеграцијата во Европската Унија. Од 1996 година Јапонија со 7,8 милиони евра поддржа 158 GGP проекти во секторот здравство, образование и животна средина во Република Северна Македонија“, рече амбасадорот Савада.
Директорот на Струшката болница Арменд Арслани рече дека ваквата помош е од огромно значење за подобрување на квалитетот на здравствените услуги.
„Со овој софистициран модерен ехографски апарат ќе се скрати времето за преглед на над 200.000 пациенти од Југозападниот Регион годишно, но и ќе помага во раното откривање и борба против разни видови болести“, рече Арслани.
Според директорот на Општа болница Охрид Горан Балески, мобилниот рентген апарат ќе служи за сложени оперативни постапки за дијагностика во оперативниот блок.
„Овој апарат е од исклучителна важност пред сè за унапредување на квалитетот на здравствената заштита на пациентите и поефикасна работа на стручниот медицински персонал“, рече Балески.
Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков најави и соработка во делот на УНЕСКО и можноста преку донација Јапонија да помогне во спроведување на Планот за управување со Охрид. Според најавите, месецов ќе бидат потпишани уште 5 проекти во рамките на соработката помеѓу Јапонија и Македонија.
С. ВРЕНЦОВСКА