Еколошкото здружение „Охрид СОС“ ѝ понуди проект на Општина Охрид со кој Студенчишко блато може да стане музеј на отворено. Предлог-проектот „Охрид СОС“ минатата недела го испратила го градоначалникот на Охрид Јован Стојановски, како дел од напорите на ова здружение да се заштити овој блатен екосистем, каде во 2015 година беше планирано да се подигне елитна станбена населба.
„Локацијата на Студенчишкото Блато е замислена како музеј на отворено, место за интеракција со природата, за истражување на сопственото минато, едукација и јакнење на свеста за виталната важност да се зачуваат овие екосистеми. Со овој проект сакаме да ја покажеме нераскинливата врска меѓу квалитетот на нашиот живот и здравата животна средина, и дека блатото може да биде ново место за рекреација. Со него блатото може да се валоризира како туристички производ, и нудиме идеи за уредување на просторот, бе тој да биде деградиран. Така, Студенчишко Блато би се развило во туристичка атракција од нов вид, но и проширена со Билјанините извори и ранохристијанската базилика“, велат од „Охрид СОС“.
Екологистите велат дека проектот нуди и краток акциски план за почетно финансирање и обезбедување финансиска одржливост.
„Блатото е срце на езерото, неговите бели дробови, тоа тука со векови се плакне неговата вода. Тоа е живеалиште на уникатен жвотински и растителен свет. На почетокот на 2015 година се предлагаше подрачјето на Блатото да се претвори во градежна парцела за елитна населба. По две години постојани активности и непопустливост лани пролетта оваа идеја беше напуштена. Денес, скоро една година подоцна, Студенчишко Блато сè уште го чека својот одамна заслужен статус“, велат од „Охрид СОС“.
Д.ЧУБРИЌ