СТУДЕНТИТЕ ОД ФАКУЛТЕТОТ ЗА УМЕТНОСТИ ПОВТОРНО ПРОТЕСТИРАА ВО ТЕТОВО БАРАЈЌИ СМЕНА НА ПРОФЕСОРКА

    СТУДЕНТИТЕ ОД ФАКУЛТЕТОТ ЗА УМЕТНОСТИ ПОВТОРНО ПРОТЕСТИРАА ВО ТЕТОВО БАРАЈЌИ СМЕНА НА ПРОФЕСОРКАСтудентите маршираа од центарот на градот до Ректоратот на Универзитетот (Фото: СДК.МК)

    Студентите од Факултетот за уметности при Државниот универзитет во Тетово го продолжија протестот против професорка од Факултетот бидејќи се незадоволни од нејзиниот однос. Денеска тие маршираа од центарот на Тетово, каде што се наоѓа факултетот, до Ректоратот на Универзитетот, носејќи транспаренти. Тие уште еднаш побараа Универзитетот да преземе одговорност за однесувањето на професорката по историја на музика кон студентите и нејзино отстранување од наставата.

    „Важно е вакви луѓе да не бидат професори на ниеден универзитет во Македонија. Професорката Бесијана Мехмеди на секое предавање им се заканува на студентите, им забранува да следат различни политички работи на Фејсбук, им забележува зошто реагираат на објави на социјалните мрежи, им прави булизам. Многу е чудно на универзитет да има професори кои реагираат на овој начин и да им кажуваат на студентите дека ќе ги фатат за врат поради објави на социјалните мрежи“, изјави Бленди Ходаи, студент и член на организацијата „Форум за образовни промени“, која ги поддржа студентите од Факултетот за уметности.

    Единственото нивно барање е оваа професорка повеќе да не предава на Факултетот за уметности.

    „Обвинителството треба да утврди дали тоа што професорката им се заканува на студентите е кривично дело. Вчера на Јутјуб имаше снимка на која таа се заканува на студенти. Од деканатот на Факултетот за уметности велат дека студентите имаат можност наставата по овој предмет да ја следат кај друг професор, но тие не го прифаќаат овој предлог“, изјави Ходаи.

    Студентите првиот протест го имаа на 7 април пред Факултетот за уметности.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира