СТУДЕНТИТЕ УЧЕА ОНЛАЈН И ЗАТОА НЕ БЕА ПРЕДВИДЕНИ ПАРИ ЗА АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ, ВЕЛАТ ОД ВЛАДАТА ОТКАКО АРСОВСКА И ЈСП НАЈАВИЈА ПРОТЕСТ

    СТУДЕНТИТЕ УЧЕА ОНЛАЈН И ЗАТОА НЕ БЕА ПРЕДВИДЕНИ ПАРИ ЗА АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ, ВЕЛАТ ОД ВЛАДАТА ОТКАКО АРСОВСКА И ЈСП НАЈАВИЈА ПРОТЕСТОд Владата велат дека ваквата состојба во која е ЈСП и најавата дека во Скопје ќе нема јавен превоз е показател оти Општините неодговорно менаџираат со средствата наменети за превоз на учениците и навремено не ги подмируваат обврските. (фото: Фејсбук)

    Владата негира дека должи 2 милионa евра на Град Скопје и ЈСП „Скопје“ за ученички и студентски билети, како што денес обвини градоначалничката Данела Арсовска. Таа денеска кажа дека вработените во ЈСП немаат плата бидејќи Министерството за образование не им префрлило пари и таа не се чувствува одговорна туку, напротив, најави дека заедно ќе ги паркираат автобусите од јавниот превоз и ќе протестираат пред зградата на Владата.

    Од Владата велат дека ваквата состојба во која е ЈСП и најавата дека во Скопје ќе нема јавен превоз е показател дека општините неодговорно менаџираат со средствата наменети за превоз на учениците и навремено не ги подмируваат обврските.

    „Согласно документацијата на Министерството за образование и наука, ова министерство редовно ги сервисира своите обврски кон сите субјекти со кои има регулирани законски надлежности, или пак со кои има склучени договори по разни основи кои иницираат финансиски обврски, што не е случај и со ЈСП ‘Скопје’. Што се однесува на студентските картички за попусти, Законот за високото образование (член 27 став 6) уредува дека Владата на Република Северна Македонија може да донесе одлука за посебни погодности за студентите, како што се студентска картичка за попусти, бесплатен градски превоз и друго, при што средствата се обезбедуваат од државниот буџет. Но, во календарската година не е донесена ваква одлука, од причина што во зимскиот семестар од студиската 2021-2022 година студентите не посетуваа настава со физичко присуство“, велат од Владата.

    Арсовска денеска кажа дека Град Скопје планирал од парите кои Министерството за образование требало да им ги префрли за овие категории билети да исплати 4 плати на вработените. Но, Министерството за оваа година во буџетот не предвидело вакви ставки и затоа сега ЈСП се наоѓало во ова ситуација да нема пари за плати.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира