СУДОТ ВО ШТИП ПРЕСУДИ 300.000 ЕВРА ОТШТЕТА НА ДЕТЕ СО АУТИЗАМ ОТИ ПРИМИЛО ВАКЦИНА ДОДЕКА БИЛО ПОД СИЛНИ АНТИБИОТИЦИ

    СУДОТ ВО ШТИП ПРЕСУДИ 300.000 ЕВРА ОТШТЕТА НА ДЕТЕ СО АУТИЗАМ ОТИ ПРИМИЛО ВАКЦИНА ДОДЕКА БИЛО ПОД СИЛНИ АНТИБИОТИЦИНа денот на примање на вакцината од страна на докторот по медицина вработен во ЈЗУ „Нада Михајлова“ не биле извршени прегледи на детето и увид во нејзината здравствена книшка и „без да утврди дали во тој момент постои контраиндикација и дали треба да се одложи имунизацијата, веднаш преминал кон вакцинирање кога кај тужителката била присутна акутна инфекција на белите дробови“, стои во Пресудата на Судот во Штип - копија од пресудата (Фото: СДК.МК)

    Основниот суд во Штип донесе неправосилна пресуда семејство од Пробиштип да биде обесштетено со околу 300.000 евра затоа што нивната ќерка била погрешно лекувана и примила вакцина во време кога била под силна антибиотска терапија што траела осум месеци во 2010 и 2011 година. На детето, во Детската клиника во Скопје во ноември 2013 му бил дијагностициран аутизам.

    Судијката Мери Гичева, при крајот на минатата година, по утврдувањето на фактите и лекарските извештаи и наодите на вештите лица делумно го прифатила тужбеното барање на тужителите И.П., Ј.П., родители на десетгодишното девојче, и ја задолжила тужената Јавна здравствена установа „Нада Михајлова“ од Пробиштип на оштената страна да им надоместат вкупно 19 милиони денари од кои 10 милиони денари поради намалена животна активност, 3 милиони денари по основ на физички бол и 6 милиони денари на име душевно страдање и бол . Амбулантата „Нада Михајлова“ се задолжува да ги надомести и судските трошоци во износ од 1,3 милиони денари. Вкупното барање на родителите на девојчето било 46 милиони денари.

    Во образложението на пресудата стои дека од август 2010 од март 2011 тужителката била изложена на широк спектар на антибиотици, секој месец во овој период примала различен антибиотик, а во меѓувреме примила вакцини МРП и ХИБ. Кон крајот од месец февруари 2011 поради акутен долнореспираторен инфект девојчето примало антибиотик Панцеф.

    Предмет на анализа на вештакот кој е специјалист педијатар не е утврдување на фактот дали конкретно вакцината предизвикува аутизам или не, туку нејзините оценка и анализа е здравствената состојба на детето од раѓањето до денот на вакцинирањето и подоцна, притоа имајќи предвид дека ја ценела целокупната медицинска документација со која располагале родителите – копија од дел од образложението на пресудата – (Фото: СДК.МК)

    Додека го примала овој антибиотик, на 4 март 2011 девојчето ја примило ДТП вакцината. Но, според пресудата, на денот на примање на вакцината од страна на докторот по медицина вработен во ЈЗУ „Нада Михајлова“ не биле извршени прегледи на детето и увид во нејзината здравствена книшка и „без да утврди дали во тој момент постои контраиндикација и дали треба да се одложи имунизацијата, веднаш преминал кон вакцинирање кога кај тужителката била присутна акутна инфекција на белите дробови“.

    По примањето на вакцината, кај детето била продолжена антибиотската терапија уште цел месец. На 5 април 2011 поради зголемена телесна температура му дале инекција Урбазон, по што во април и мај родителите воочиле невообичаени промени во однесувањето на детето.

    По повеќе од две години, на 21 ноември 2013 ЈЗУ Клиника за детски болести во Скопје дијагностицира детски аутизам „како последица на несоодветното и предолго лекување со антибиотска терапија која довела до намален имунолошки систем и спроведување имунизација спротивно на правилникот за имунизација, а посебно на појавата на аутизам влијаело давањето на кортикотерапија преку примање инекции Урбазон“.

    Понатаму во образложението на пресудата се вели дека судот утврдил оти предмет на анализа на вештакот кој е специјалист педијатар „не е утврдување на фактот дали конкретно вакцината ДТП што В.П. ја примила на ден 4.3.2011 предизвикува аутизам или не, ниту пак ѝ било поставено такво барање од тужителите, туку предмет на нејзините оценка и анализа е здравствената состојба на детето од раѓањето до денот на вакцинирањето и подоцна, притоа имајќи предвид дека ја ценела целокупната медицинска документација со која располагале родителите, прегледите кои ги има извршено на детето и видеоснимки“.

    Од Министерството за здравство, како второтужена страна во судската постапка поведена од родителите на В.П. од Пробиштип, потврдија дека ја примиле пресудата со која делумно се усвојува нивното тужбено барање во делот на барањата кон Здравствениот дом во Пробиштип, но се одбива во делот кој се однесува на барањата кон министерството.

    „Дури напротив, со пресудата тужителите се задолжени на Министерството за здравство да му ги надоместат трошоците настанати во постапката. Поради тоа, Министерството нема правен основ и причина да ја обжали Пресудата, но ЗД Пробиштип истата ја обжали во почетокот на март“, велат од Министерството за здравство.

    Оттаму потсетуваат дека постои нова научна студија објавена во Журналот на Американската медицинска асоцијација врз онова на испитувањата во кои биле опфатени околу 95 илјади деца со постари браќа и сестри, од кои некои имале аутизам, дека не постои поврзаност помеѓу аутизмот и ММР вакцината.

    Претседателот на Основниот суд во Штип Емил Пилатов вели дека оваа пресуда не е конечна затоа што постапката и натаму трае. Жалби поднеле и тужениот ЈЗУ „Нада Михајлова „од Пробиштип, но и тужителите незадоволни од висината на обесшетувањето. По уплатата на судските такси предметот ќе биде проследен до Апелациониот суд кој треба да донесе конечна одлука, а со оглед на висината на износите што се наведуваат Пилатов не ја исклучува веројатноста со овој предмет да се позанимава и Врховниот суд.

    Минатата недела беше објавено најголемото медицинско истражување, направено кај над 650.000 деца од Данска кои се следени над 10 години, кое покажа дека вакцината за мали сипаници, рубеола и заушки (МРП) не го зголемува ризикот од појава на аутизам, не се тригер за аутизмот кај децата и не се поврзани со појава на аутизмот по вакцинирањето. Истражувана е врската меѓу МРП вакцината, времето на појава на аутизмот, примањето на останатите вакцини во текот на детството, појава на аутизам кај други членови на семејството и други ризик фактори за појава на аутизмот. Истражувањето е спроведено кај деца родени меѓу 1999 и 2010 година, односно кај 657.461 дете, кои се следени се до август 2013. Притоа, кај 6.517 деца бил дијагностициран аутизам, а од децата што биле следени над 95 отсто ја примиле вакцината на возраст од околу 15 месеци. МРП вакцината не го зголемила ризикот од аутизам кај децата без ризични фактори, ниту пак, предизвикало аутизам кај децата со ризични фактори, открива студијата.

    Данските истражувачи исто така учествувале во една од најважните студии направени во 2002, со која се побива теоријата за поврзаноста на вакцините со аутизмот. Андерс Хвид, главниот автор на студијата и истражувач на Статенс Серум институтот од Копенхаген во Данска, како што пишува „Гардијан“, вели дека иако резултатите од ова истражување биле објавени пред 16 години, идеите дека вакцините предизвикуваат аутизам сè уште се присутни на социјалните мрежи.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира