СУДОВИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА И НАТАМУ НЕ ГО ПРИФАЌААТ НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ КАКО ПРИЈАТЕЛ НА СУДОТ, КАЖАА НА РАБОТИЛНИЦА ВО ВЕЛЕС

    СУДОВИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА И НАТАМУ НЕ ГО ПРИФАЌААТ НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ КАКО ПРИЈАТЕЛ НА СУДОТ, КАЖАА НА РАБОТИЛНИЦА ВО ВЕЛЕСНа работилницата во Велес учествуваа и замениците на народниот правобранител на Словенија, Хрватска и Македонија (Фото: СДК.МК)

    Граѓаните на Хрватска, Словенија и на Северна Македонија најчесто од институцијата Народен правобранител бараат помош поради правосудниот систем. Ова го кажаа замениците на народниот правобранител од овие земји на работилница во Велес. Миха Хорват, заменик народен правобранител на Словенија, вели дека нивниот глас често е силен и се слуша сериозно, но има случаи и кога се игнорирани.

    „Клучот на успешноста е во долгорочната квалитетна работа и силата на аргументите. Што се однесува до надлежноста, имаме право да ја оспориме уставноста на некои закони, имаме право да се обратиме до Уставниот суд на Словенија. Што се однесува до приватниот сектор, немаме надлежност над него“, кажа Хорват.

    Најголем дел од поплаките на граѓаните биле на судските постапки, а потоа од социјалната сфера. Во институцијата Народен правобранител на Република Словенија има 50-ина вработени, исто колку и во Хрватска.

    Тена Шимоновиќ-Еинволтер, заменик народен правобранител на Хрватска, објасни дека годишно имаат околу 5.000 предмети, бројка која од година во година е во пораст. Тие имаат и обврска плус во однос на останатите народни правобранители во регионот и се однесува на работата на затворите и психијатриските болници а од средината на годинава имаат и нова обврска, заштита на т. н. свиркачи.

    Тие беа гости на работилницата во Велес за новата надлежност на Народниот правобранител – пријател на судот. Според Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик на Народниот правобранител на Македонија, таа никако да заживее во пракса и надлежните судови ја игнорирале.

    „Незадоволството на граѓаните во нашата држава отсекогаш потекнува од нивната материјална состојба во која живеат, а најмногу од правната несигурност и постапувањето на правосудството. Затоа пред една година е зајакнат мандатот на Народниот правобранител да делува како ‘пријател на судот‘. Оваа надлежност колегите од Словенија и Хрватска ја имаа од самото основање на институцијата. Се зголемува бројот на граѓани кои сакаат народниот правобранител да дејствува како пријател на судот во предмети пред надлежниот Управен суд, Основен суд Скопје 1 и Основен суд Скопје 2. Судските органи, за жал, сѐ уште не се расположени да го прифатат Народниот правобранител како пријател на судот и тој да учествува во тој предмет, во сите фази од постапката. Праксата покажува дека не судовите не нѐ сметаат за јавност“, изјави Бајрамовска-Мустафа

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари