СВЕЌИ И МОЛК НА ШТИПСКИОТ ПЛОШТАД СЛОБОДА ВО ЗНАК НА ПОЧИТ НА ЖРТВИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ

    СВЕЌИ И МОЛК НА ШТИПСКИОТ ПЛОШТАД СЛОБОДА ВО ЗНАК НА ПОЧИТ НА ЖРТВИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИШтипскиот плоштад и вечерва се исполни со народ кој мирно и достоинствено го искажаа своето искрено чувство на голема болка и тага за починатите и повредените. ( Фото: СДК.МК)

    Голем број граѓани на Штип од сите возрасти и вечерва се собраа на плоштадот Слобода во Штип каде со подологотраен молк им одадоа почит на загинатите во пожарот во Кочани и им изразија сочуство на нивните семејства.

    На 16 март во кочанската дискотека „Пулс“ загинаа 59 лица, главно на возраст од 14 до 25 години.

    Потоа, насобраните штипјани од Плоштадот се упатија на мирен марш за почит на починатите и повредените во трагедијата, ги поминаа централните градски улици околу реката Отиња, кај Соборниот храм „Свети Никола“ каде претходно имаше панахида од свештениците на Брегалничката Епархија и го продолжија патот повторно до плоштадот каде положија цвеќе, запалија свеќи и се поклонија пред фотографиите на петмината починати штипјани кои загинаа во катастрофалниот пожар во дискотеката.

    Во изминатите денови вакви протестни маршеви имаше и од средношколците во Штип кои упатија порака со слоганот „Секој еден може да биде следен“ и побараа правда и одговорност.

    Најбројни и на вечерашниот собир беа средношколците кои и овој пат беа со своите транспаренти.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира