СВЕКОРОТ И ДЕВЕРОТ ЈА ИЗБРКАА СНААТА СО ТРИ ДЕЦА ОД КУЌАТА КОЈА БЕШЕ РЕНОВИРАНА ВО ХУМАНИТАРНА АКЦИЈА ВО ШТИП

    СВЕКОРОТ И ДЕВЕРОТ ЈА ИЗБРКАА СНААТА СО ТРИ ДЕЦА ОД КУЌАТА КОЈА БЕШЕ РЕНОВИРАНА ВО ХУМАНИТАРНА АКЦИЈА ВО ШТИПЕлена Манасиева со три деца избркана од својот дом, сега живее кај својата мајка во населбата Железничка во една соба, но се надева дека со децата пак ќе се вратат дома. (Фото: СДК.МК)

    Штипјанката Елена Манасиева и нејзините три деца само три месеци живееја во домот кој беше целосно реновиран и опремен во повеќемесечната хуманитарна акција што ја спроведоа штипски и велешки хуманитарци. Семејството завчера е избркано од домот од страна на свекорот и деверот на Елена Манасиева која била принудена сосе децата времено да се згрижи кај својата мајка.

    „Мајка ми нè прими, но вака вечно не можеме да живееме затоа што тука сме во една мала собичка. Во обновениот дом имаше место за нас сите. Свекорот и деверот како да чекаа некое од децата да направи беља. Па така завчера го натепаа двегодишниот син и ни кажаа да си ги собереме парталите и да излеземе од оваа куќа затоа што била нивна“, вели мајката на трите малолетни деца од кои најмалото има само шест месеци.

    „Сопругот уште две години ќе биде во затвор поради сообраќајка, но тоа не значи дека неговиот брат и татко треба да се нафрлат нас сами и беспомошни со навреди, тепање и со бркање од дома. Ќе барам прием кај градоначалникот да се издејствува да се вратиме во обновената куќичка уште повеќе што таа била на државно земјиште, а свекорот немал никаков документ дека е негова или да добијам некое друго сместување“, објаснува Елена.

    Таа е текстилна работничка вработена во една штипска конфекција, но не е на работа поради породилното отсуство. Вели дека за три месеци ќе почне со работа, но дури тогаш не знае што ќе прави со малолетните дечиња.

    Нивната трошна куќичка беше обновена и комплетно опремена во февруари годинава. Пред тоа, но и сега по бркањето од дома сè уште ниту една институција не се заинтересирала за проблемот, ниту за насилството врз малолетните деца. Кога го посетивме обновениот дом, немаше никој, а во соседната куќа ги немаше свекорот и деверот.

    „Благодарна сум на сите хумани луѓе најмногу на Александар кој беше иницијатор да се спроведе хуманата акција. Рече дека со општинските фактори и најновиот проблем ќе го реши“ вели Манасиева.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира