ТАЛЕСКИ ИМАЛ ПРОДУКЦИЈА ЗА ФИЛМ ДОДЕКА ЗАГОВАРАЛ ОД БИТОЛА ДА НАПРАВИ ФИЛМСКИ ГРАД

    ТАЛЕСКИ ИМАЛ ПРОДУКЦИЈА ЗА ФИЛМ ДОДЕКА ЗАГОВАРАЛ ОД БИТОЛА ДА НАПРАВИ ФИЛМСКИ ГРАДПред еден месец Талески и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на терен извршија увид до каде е изградбата на киното Манаки, исто така едно од изборните ветувања на градоначалникот во визијата Битола да стане филмски град (Фото: СДК.МК)

    Битолскиот градоначалник Владимир Талески имал мултимедијална продукција за производство на филмови, видеофилмови и телевизиска програма во периодот додека заговарал  Битола да стане филмски град. Советникот Горан Козаров од СДСМ денес презентираше документ од Централниот регистар, во кој јасно се гледа дека Талески во периодот од 2004 до 2009 имал продукција за снимање филмови „Арт медија“. Тоа го опфаќа периодот од половина година пред тој да стане градоначалник, како и неговиот прв градоначалнички мандат кога на големо се залагаше за таканаречениот проект „Битола филмленд“. Тогаш беше снимено дури и ДВД во кое регионот беше претставен како приманлива дестинација за снимање на филмови со цел да се привлечат странски филмаџии и инвеститори да вложат во изградба на филмски студија во Битола.

    Според документите од Централниот регистар, Талески во периодот од 2004 до 2009 имал продукција за снимање филмови „Арт медија“ (Фото: СДК.МК)

    Во документот како сопственик на „Арт медија“ се посочуваат Владимир Талески и Видан Кулевски. Како основна главнина, фирмата располагала со 610.000 денари.

    „Го прашуваме Талески, сопственикот на затворената продуцентска куќа „Арт медија“, зошто е затворена? Кои се причините за нејзиното затворање? Дали добивала средства од Општина Битола и други јавни претпријатија. Дали оваа фирма добила донации? Дали идејата за Битола филмски град пропадна со затворањето на фирмата? Дали еден од сопствениците е и близок роднина на сопругата на поранешниот премиер Никола Груевски, односно на Боркица Груевска“, праша советникот Горан Козаров.

    Од Општина Битола ни рекоа дека денес битолскиот градоначаллник е отсутен, па не можат да дадат одговор на сите прашања. Реакоа дека единствено можат да одговорат само на тоа оти не постојат должничко- доверителски односи меѓу Општината и посочената компанија.

    На Интернет нема податоци за реализирани проекти од оваа продуцентска куќа до периодот кога заминала во стечај, односно со 2009.

    Против Талески и неговите соработници е поднесен обвинителен акт од СЈО за случајот „Транспортер“ за злоупотреби со превозот на ученици во Битола и проневера на 360.000 евра. Талески помина и тримесечен куќен притвор.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА  

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира