ТЕАРЦЕ Е ПРВА РУРАЛНА ОПШТИНА КОЈА ОТВОРИ СТАЦИОНАР ЗА УЛИЧНИ КУЧИЊА

    ТЕАРЦЕ Е ПРВА РУРАЛНА ОПШТИНА КОЈА ОТВОРИ СТАЦИОНАР ЗА УЛИЧНИ КУЧИЊАСклучен е и договор со ветеринарна ординација која ќе ги заловува, здравствено ќе ги третира ако има потреба од тоа и ќе ги кастрира кучињата скитници. (Фото: СДК.МК)

    Кучињата скитници веќе нема да претставуваат проблем за жителите на Општина Теарце. Деновиве е отворен стационар, а склучен е и договор со ветеринарна ординација која ќе се грижи за  уличните кучиња, ќе ги заловува, здравствено ќе ги третира ако има потреба од тоа и ќе ги кастрира. Со ова, Општина Теарце стана прва рурална општина која на организиран начин се грижи за кучињата скитници кои досега им задаваа големи проблеми на тамошните жители.

    „Може да третираме по 20 кучиња неделно. Ги заловуваме кучињата на улица, им земаме крв која ја праќаме во Скопје за да се направи анализа за болеста лишманија. На кучињата им се прави кастрација и ги вакцинираме против беснило. Досега, нашата ветеринарна ординација вакви третмани на кучињата скитници работеше за општините Тетово и Гостивар, а Општина Теарце е прва рурална општина која почнува со третирање на бездомни кучиња. Со ова ќе придонесеме и во руралниот дел од региониот, посебно во селските подрачја да се намали опасноста што ја предизвикуваат кучињата скитници бидејќи нив и овде ги има исто како и во градовите“, изјави Рами Селмани, ветеринар од ветеринарната ординација која ќе ги третира кучињата во Теарце.

    Тендерот за третман на кучињата скитници во Општина Теарце изнесува 1,5 милиони денари и временски не е ограничен, односно ќе трае додека не се потрошат одобрените средства.

    „По барање на граѓаните и со одлука на Советот, отворивме јавна набавка за третирање на бездомни кучиња. На огласот се јави една компанија и сите кучиња кои ќе ги заловат ќе ги донесат тука. Апелираме на сите сопственици на домашни кучиња да ги држат под контрола и да не ги пуштаат. И ако видат бездомно куче да ни се јават за да се интервенира“, изјави Исен Асани, градоначалник на Општина Теарце.

    Според ветеринарот Селмани, третманот на едно куче скитник во просек чини околу 9.000 денари.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира