ТЕХНИЧКОТО УЧИЛИШТЕ ОД БИТОЛА ПРАВИ ВИЗИР МАСКИ ЗА МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ

    ТЕХНИЧКОТО УЧИЛИШТЕ ОД БИТОЛА ПРАВИ ВИЗИР МАСКИ ЗА МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИВизир маските ќе бидат наменети за здравствените работници во градот кои се најзагрозени од можноста за инфицирање со КОВИД-19, пред сѐ матичните лекари. (Фото: СДК.МК)

    Техничкото училиште „Ѓорги Наумов“ од Битола се вклучи во процесот на изработка на визир маски потребни за вработените во јавните и приватните здравствени установи од Битола и други градови во овој сензитивен период на пандемија на корона вирусот.

    Ова училиште за изработка на визир маските ќе ги искористи двата 3Д принтери, од кои едниот го доби лани како грант во износ од 250 000 денари од Фондот за иновации и технолошки развој, а другиот е донација од компанија во Скопје.

    „Во производството на визир маските од наша страна активно е вклучен професорот Илче Ацевски како и двајца наши поранешни ученици Благој Стојчевски и Горан Веловски. Во текот на денешниот ден со наши сопствени средства и средства на ’Бабук‘ од Битола обезбедивме материјал виралит кој е доволен за изработка на 1000 заштитните маски“, рече директорот на Техничкото училиште Владимир Роме.

    Визир маските ќе бидат наменети за здравствените работници во градот кои се најзагрозени од можноста за инфицирање со КОВИД-19, пред сѐ матичните лекари кои се на првата линија на комуникација со болните лица, а потоа и сите останати. Имаат барање и од Кочани за 40 визир маски, како и од други градови.

    „Искрено се надевам дека нашиот пример ќе го следат и други општествено одговорни фирми од градот и ќе се вклучат во овој процес на обезбедување репроматеријали со цел да се произведат што е можно поголем број на заштитни маски како би им помогнале на што поголем број здравствени работници во градот и пошироко“, рече Роме.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари