ТЕТОВЕЦ САМИОТ ГИ ЗАКРПИЛ ДУПКИТЕ НА ПАТОТ, НЕ МОЖЕЈЌИ ДА ЈА ЧЕКА ОПШТИНАТА ДА ЈА ПОПРАВИ УЛИЦАТА

    ТЕТОВЕЦ САМИОТ ГИ ЗАКРПИЛ ДУПКИТЕ НА ПАТОТ, НЕ МОЖЕЈЌИ ДА ЈА ЧЕКА ОПШТИНАТА ДА ЈА ПОПРАВИ УЛИЦАТАКаме Бачевски со неговото камионче земал остатоци од стар асфалт и ги наполнил дупките на улицата Гоце Делчев (Фото: СДК.МК)

    На тетовецот Каме Бачевски му се смачило од неколкугодишните ветувања на Општина Тетово дека ќе ја поправи улицата Гоце Делчев, па викендов самиот закрпил голем број од дупките на една од најруинираните улици во градот. Таа се наоѓа во стариот дел од Тетово и ги поврзува маалата Колтук, Два Бреста и Певчина, па оди до градските гробишта. Големиот број дупки, нерамнини и отпаднати гранитни коцки и бекатонски плочки, со кои беше поплочена, им создаваат секојдневни проблеми на тетовци и им ги оштетуваат автомобилите, а и пешаци се повредуваа.

    „Со години чекаме општината да ја реконструира оваа улица. Целата е полна со дупки, и тоа големи. Колите ги испокршија луѓето, а и пешки тешко се оди. Треба да се внимава, инаку можеш и нога да скршиш“, објаснува Бачевски.

    Тој работи како превозник и секојдневно го минува овој пат. Затоа решил со неговото камионче да земе остатоци од стар асфалт, што се отстранува при реконструкцијата на една улица и да ги наполни дупките на потегот од градските гробишта да Чапчаково Сокаче, во должина од 500 метри.

    „Материјалот ми го дадоа од градежната фирма која работи на уредувањето на улицата кај касарната, каде што го изгребаа асфалтот. Камионче, количка, лопата и добра волја беа потребни за оваа работа. Трипати го полнев камиончето или околу шест кубни метри материјал поставив тука“, вели 68-годишниот Каме.

    Додека ги пополнувал дупките во саботата и неделата, му помогнал само еден сосед од населбата Поток.

    Како и многу години наназад, така и сега, од Општина Тетово велат дека улицата е влезена во програма за санација.

    „Реконструкцијата на Гоце Делчев ќе се одвива преку Единицата за проекти при Министерството за транспорт и врски. Општина Тетово ја комплетираше и ја достави целата документација. Очекуваме потпишување договор помеѓу Министерството и изведувачот, па се надеваме дека што поскоро ќе се пристапи кон работа на терен“, информираа денеска од Општина Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира