Агенција за млади и спорт (АМС) ѝ го предаде на Општина Тетово управувањето со затворениот базен, прв ваков објект во општината. Базенот првенствено ќе биде наменет за тетовските ученици, па поради ова, се предвидува со работа да започне дури од септември, со почетокот на новата учебна година.
„Ова е добар пример на соработка помеѓу локалната и централната власт за реализација на проекти кои се во интерес на граѓаните. Базенот ќе биде наменет за сите деца, кои ќе можат да учат да пливаат и да го користат за разни спортови во вода“, изјави градоначалникот Билал Касами.
Изградбата на базенот е проект на АМС и е дел од 14 базени кои требаше да се изградат во изминатиов период во повеќе градови. Овој во Тетово е првиот целосно изграден.
„Ќе се постават фотонапонски панели, со што сакаме да ги намалиме трошоците за електрична енергија на овој објект. Овој базен, пред сè, е наменет за учениците од тетовските училишта, но после тие термини, ќе може да се користи и во комерцијални цели“, вели Наумче Мојсоски, директорот на АМС.
Што се однесува до останатите базени предвидени со овој проект, Мојсоски најавува дека проблемите со фирмата која треба да ги изгради се надминати и работите ќе продолжат.
„Тие имаа проблеми со еден од инвеститорите, кој е во притвор, другиот е тука и разговаравме со него. Сметката на фирмата веќе не е блокирана и мислам дека минатата недела почнаа со работа. Изградбата на базените во Кичево и Битола е малку поназад, но оние во Штип и двата во Скопје се во напредна фаза“, кажа Мојсоски.
З. АНДОНОВ