ТЕТОВО ПЕТТА ГОДИНА Е БЕЗ НОВОГОДИШНО УКРАСУВАЊЕ, КАСАМИ ВЕЛИ МОРА ДА СЕ ШТЕДИ

    ТЕТОВО ПЕТТА ГОДИНА Е БЕЗ НОВОГОДИШНО УКРАСУВАЊЕ, КАСАМИ ВЕЛИ МОРА ДА СЕ ШТЕДИМораме да штедиме и нема да издвоиме пари за украсување на градот рече градоначалникот Касами; - Плоштадот во Тетово. (Фото: СДК.МК)

    И оваа година, Тетово нема да биде украсено за новогодишните празници. Тетово е можеби единствениот град во државата кој не се закитува за празниците. Градскиот плоштад и околните главни улици пред Нова Година се осветлени само од уличното осветлување. Ниту украсни сијалички, ниту украсена елка, ниту организиран дочек на градскиот плоштад

    „Мораме да штедиме и нема да издвоиме пари за украсување на градот“, кратко одговори градоначалникот Билал Касами на прашањето дали Тетово ќе се украсува.

    Тетово веќе петта година по ред не се украсува за Нова Година. Во 2019, додека градоначалничка беше Теута Арифи, Тетово за првпат не беше украсено бидејќи парите за оваа намена беа пренасочени за настраданите во земјотресот во Драч, Албанија.

    Под изговор дека се штедат пари, Тетово не се украсуваше и во наредните години  во мандатот на Арифи, а таа традиција ја презеде и сегашниот градоначалник Касами. Додека градскиот плоштад е осветлен само од уличното осветлување, новогодишно украсување има само кај објектите на некои приватни угостители и продавници.

    Во градот на повеќе импровизирани тезги нелегално можат да се купат петарди. Сепак, за разлика од минатите години, во овие предновогодишни денови многу поретко се слушаат детонациите на петардите, можеби затоа што полицијата беше доста активна. Во неколку акции спроведени во село Лавце и на неколку импровизираните тезги во градот за неколку дена беа запленети над 80.000 петарди и друга пиротехника.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира