ТЕТОВО СО САМО ТРИ ИНСПЕКТОРИ ПО ЕКОЛОГИЈА СЕ БОРИ ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ

    ТЕТОВО СО САМО ТРИ ИНСПЕКТОРИ ПО ЕКОЛОГИЈА СЕ БОРИ ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТЗа надзор на цела Општина Тетово има само 3 инспектори во секторот за екологија, а потребни се најмалку осуммина и поради малиот број попладне нема дежурни (Фото: СДК.МК)

    Со првите поладни есенски денови во Тетово почна енормно да расте и загаденоста на воздухот со штетните ПМ 10 честички. Минатата зима Тетово еден период го имаше приматот на град со најзагаден воздух во светот, а и оваа година почнува високо високо да котира на оваа неславна листа. И минатата, а и оваа година, посебно во периодот на предизборната кампања наголемо се зборуваше какви сè не мерки треба да се превземат да се намали загадувањето на воздухот. Од сето тоа што се предлагаше единствено барање реализирано е затварањето на „Југохром“, кој се обвинуваше дека е еден од големите загадувачи на тетовскиот воздух. „Југохром“ се затвори, но тетовци и понатаму не дишат чист воздух. Од локалната самоуправа повторно најавуваат краткорочни и долгорочни мерки за намалување на загаденоста на воздухот кои никако да стартуваат.

    „Ќе продолжиме со мерките како и во минатите години и ќе настојуваме што е можно побрзо да го ставиме во погон јавниот сообраќај. Годинава ќе се позанимаваме и со проектната документација за гасификацијата. Краткорочните мерки можат да дадат краткорочни резултати, па затоа треба да работиме на долгорочни мерки. Нашите инспекциски служби секогаш се активни кога станува збор за контрола на фирмите во Тетово додека за приватните домаќинства не можеме да вршиме инспекциска контрола, туку мора да се најдат решенија и се надевам дека ќе најдеме такви решенија“, изјави градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи.

    Горењето дрва во домаќинствата, иверици, лакиран дрвен материјал и тоа не само во домаќинствата, туку и во малите производствени погони, работилници, ресторани и слично е најголемиот извор на ПМ10 честички, што се главниот загадувач на воздухот во Тетово (Фото: СДК.МК)

    Но токму општинските инспекциски служби по екологија се една од болните точки за поефикасно справување со загадувачите на воздухот. Слабата екипираност и неможноста невреме да се интервенира и да се фатат загадувачите ја прават инспекциската служба малку ефикасна.

    „Минатата година имавме изготвено неколку решенија за предизвикано загадување на воздухот со палење на недозволени материи на отворено. Но тие пријави во најголемиот број се однесуваат на непознати лица бидејќи по добиената пријава додека нашите инспектори дојдат на местото на настанот сторителите веќе побегнале. Што да правиме кога за надзор на цела Општина Тетово имаме само 3 инспектори во секторот за екологија, а потребни ни се најмалку осуммина. Поради малиот број инспектори попладне нема дежурни инспектори. Во општинскиот инспекторат има повеќе просветни инспектори отколу тие за екологија“, велат од општинскиот инспекторат.

    Чад над Тетово (Фото: СДК.МК)

    А нечистиот воздух се повеќе им создава здравствени проблеми на тетовци. Во 2015 во диспанзерот за антитуберкулозни заболувања при Клиничкаата болница во Тетово за преглед се пријавиле 6.256 лица, во 2016 имало 6.378, а до ноември 2017 на преглед дошле 6.058 лица.

    „Не знаеме која ќе биде конечната бројка до крајот на годината, но таа секако ќе биде многу слична на претходните две години. Секако, не можеме да кажеме дека кај сите овие лица што дошле на преглед кај нас причината за нивните проблеми со дишните патишта се од загадениот воздух. Но тврдам дека појавата на опструктивниот бронхитис, а често пати и асмата, се најмногу присутни како последица на пушењето и секако на загадениот воздух“, вели Зорица Билбиловска, раководител на антитуберкулозниот диспанзер при Клиничката болница во Тетово.

    Иако минатата година имаше најави дека ќе се изготвува регистар на загадувачи, односно да се утврди кој загадувач колку го загадува воздухот, во кој дел од градот и во кој период од годината, од таа иницијатива се уште нема ништо. Стручните лица велат за да се направи такво нешто потребни се големи сретства и опрема кои во овој момент ги нема ниту општината, ниту државата. Но сепак, според некои параметри и искуствата на научниците од странство може со извесна прецизност да се утврдат главните причинители за загадениот воздух.

    „Прво, генерално треба да се утврди која е главната причина за загадување на воздухот во Тетово. Но и без ова може лесно да се забележи дека концентарцијата на фрагментите кои ја дефинираат загаденоста на воздухот нагло се зголемуваат во периодот на грејната сезона, кога доаѓа до пораст на ПМ честичките во воздухот. Но тука сакам да напоменам дека и не е толку битна емисијата на овие честички колку што е важна нивната имисија, односно количината на честичките на местото каде се задржуваат. Бидејќи зголемувањето на ПМ честичките се случува во грејна сезона, се наметнува заклучокот дека токму употребата на дрва за затполување на домовите е една од главните причини за зголемувањето на загаденоста на воздухот. Затоплувањето со дрва најчесто се прави во обични печки или камини кои се со многу низок фактор на ефикасност поради што многу мал дел од дрвото создава топлинска енергија, а поголемиот дел оди низ оџаците и го прави загадувањето на воздухот. Значи, начинот на загревање на домаќинствата, во комбинација со неповолните атмосферски прилики односно зимските магли, се основните причини за енормната загаденост на воздухот во градот. Согорувањето на дрвото за два пати повеќе го загадува воздухот од согорувањето на нафтата“, вели Дарко Спировски од Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

    Според официјални податоци добиени од Локалната самоуправа и од Министерството за земјоделие и шумарство, во Тетово и регионот годишно се согоруват околу 200.000 метри кубни дрва, а само во Тетово околу 70.000 метри кубни дрва.

    „Ако еден кубик има околу 650 килограми дрвна маса, а со согорување на еден килограм дрва во класична печка се емитираат 20 грама ПМ честички, односно 20 милиони микрограми, тогаш ете го главниот причител за загадениот водзух. Едното од решенијата за намалувањето на присуството на ПМ10 и ПМ2,5 честичките е во редовно чистење на градот, изметување и миење на улиците со што би се исчистила барем онаа секундарна имисија на честички. Ова е кракорочна мерка, а како најефикасна долгорочна мерка е промена на примарните ресурси на греење, односно отфрлање на дрвото како огровен материјал и примена на начин на греење со други извори, еве на пример, со топлински пумпи кои на годишно ниво се многу поефикасни и далеку е поефтино затоплувањето со нив отколку со дрва“, вели Спировски.

    Според мерењата извршени од мерната станица во Тетово поставена од Министерството за животна средина и просторно планирање, загаденоста на воздухот во последните 4 денови се движи од 100 до речиси 400 микрограми на метар кубен, додека минатата зима загаденоста во неколку наврати ја надмина вредноста од над 1.000 микрограми.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира