Младите тетовски екологисти го одбележаа Денот на планетата Земја со чистење на сметот од повеќе реони во градот. Но, акцијата не заврши тука: собраното ѓубре го донесоа на градскиот плоштад и го ставија во импровизираната „куќа на сметот“. Со оваа акција, тие сакаат да ја подигнат свеста кај населението повеќе да се грижи за својата животна средина, но, исто така, им порачаа на општинските власти да бидат поактивни, бидејќи Тетово спаѓа во еден од најзагадените градови во земјава.
„Со оваа акција сакаме да пратиме порака до властите дека вакви иницијативи за чистење не треба да произлегуваат само од младите и од невладиниот сектор, туку и институциите задолжени за чистење на градот подобро и поредовно да ја вршат својата работа. Во оваа акција учествуваа над десет невладини организации од регионот со седумдесетина учесници. Заедно идентификувавме десет места во градот каде има поголеми количини на смет и ги исчистивме. На плоштадот, од сиот собран смет направивме една куќа и ја нарековме куќа на сметот, од каде упатуваме порака дека треба секојдневно да се грижиме за нашата околина“, изјави Метин Муареми од Центарот за едукација и развој.
Муареми вели дека ваквите акции имаат позитивно дејство, бидејќи минатата година, после ваквата спроведена акција, било забележано дека комуналните служби во градот позасилено почнале да го отстрануваат сметот.
„Се надевам дека и оваа акција ќе има сличен, а, можеби, и поголем ефект кај тетовските комунални служби“ вели Муареми.
З. АНДОНОВ