ТЕТОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ФОРМИРАА ПОСЕБНИ ГРУПИ ЗА ДЕЗИНФИЦИРАЊЕ НА ГРАДОТ И ОКОЛНИТЕ СЕЛА

    ТЕТОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ФОРМИРАА ПОСЕБНИ ГРУПИ ЗА ДЕЗИНФИЦИРАЊЕ НА ГРАДОТ И ОКОЛНИТЕ СЕЛАСе дезинфицираат не само влезовите од зградите, туку и семејните куќи (Фото: СДК.МК)

    Тетовските пожарникари, покрај секојдневната борба со пожарите во регионот, активно се вклучени и во акцијата за дезинфекција на градот како превентивна мерка за заштита од КОВИД-19. Во рамките на противпожарната единица од Тетово, формирани се посебни групи во секоја смена, кои секојдневно се ангажирани за чистење и дезинфекција.

    „Во овие групи има по 5-6 пожарникари, кои, секој во своја смена, непрестано прават дезинфекција и дератизација на влезовите во зградите, просторите пред зградите каде што најчесто се играат деца и престојуваат постарите и на шахтите, а се врши дезинфекција и на влезовите на семејни куќи. Поминавме повеќе улици во горниот дел од градот, каде користиме мобилни моторни прскалки, бидејќи тука поради тесните улици и големиот број паркирани автомобили не можеме да поминеме со поголемо возило. Во долниот дел од градот завршена е дезинфекцијата на улиците околу зелениот пазар, а потоа се префрламе кон градските блокови. Нѐ радува податокот што наидовме на многу граѓани кои сакаат да помогнат. Освен во градот, дезинфекција направивме и во селата Сараќино, Фалише, Порој и Џепчиште, а потоа ќе ги зафатиме и селата од повисокиот реон на Шар Планина“, вели Ука Алити, командир на територијалната противпожарна единица од Тетово.

    Од Општина Тетово и од противпожарната единица велат дека екипите се целосно опремени со заштитна облека и имаат на располагање доволни количества дезинфекциски средства.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира