ТЕТОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ГОДИНАВА ИМАЛЕ НАД 500 ИНТЕРВЕНЦИИ, СЕКОЈ ДЕН ГАСНАТ БАРЕМ ЕДЕН ПОЖАР

ТЕТОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ГОДИНАВА ИМАЛЕ НАД 500 ИНТЕРВЕНЦИИ, СЕКОЈ ДЕН ГАСНАТ БАРЕМ ЕДЕН ПОЖАРТетовската противпожарна единица опслужува територија со над 200.000 население (Фото: СДК.МК)

Од почетокот на оваа година, тетовските пожарникари интервенирале над 500 пати, а во најголем број случаи гаснеле пожари во Општина Тетово и останатите пет општини од Тетовскиот регион. Освен гаснење пожари, тие интервенирале при сообраќајни несреќи и вршеле дезинфекција на градот.

„Над 80 отсто од 504-те интервенции се однесувааат на гаснење пожари. Бројката подразбира дека секојдневно имаме по речиси две интервенции, при што секој ден се гасне по еден пожар“, вели командирот на противпожарната единица на Тетово Ука Алити.

Територијата на која интервенира тетовската противпожарна единица се простира од Јажинце до Попова Шапка и ги опфаќа сите општини од овој регион, односно опслужува над 200.000 население. За тетовските пожарникари ова претставува голем проблем.

„Оддалеченоста ни е најголема потешкотија за навремено да се стигне и да се изгасне пожар. На пример, за да интервенираме во Враница или Јажинце, кои се оддалечени 30-ина километри од Тетово или до некое планинско село, на нашите возила им треба најмалку еден час, а тоа за гаснење пожар е многу време. Досега руралните општини не покажаа иницијатива да формираат свои единици или доброволни друштва, од кои само бараме првично да интервенираат за да се спречуваат поголеми пожари. Ние секако би биле тие кои би ги локализирале и ликвидирале огновите“, потенцира Алити.

На пожарникарите не им е лесно да интервенираат ниту во градот кога треба да се пристапи до некој објект.

„Често пати се соочуваме со несовесни возачи и возила кои се погрешно паркирани. Кај нас секундите се во прашање, а не минутите. Исто така, има несовесни возачи кои не им даваат предност на противпожарните возила кога одат на интервенција. Апелирам до нашите граѓани што е можно побрзо да ги пропуштаат нашите возила и да внимаваат каде и како ги паркираат возилата“, кажа Алити.

Во тетовската пожарна работат 70 пожарникари.

З. АНДОНОВ

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира