ТЕТОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ПОВТОРНО ПРОТЕСТИРАА ОТИ ОПШТИНАТА И НАТАМУ ГИ ИГНОРИРА НИВНИТЕ БАРАЊА

    ТЕТОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ПОВТОРНО ПРОТЕСТИРАА ОТИ ОПШТИНАТА И НАТАМУ ГИ ИГНОРИРА НИВНИТЕ БАРАЊАПожарникарите велат дека се пробиени сите законски рокови за постигнување договор со Општина Тетово (Фото: СДК.МК)

    Тетовските пожарникари кои се членови на Синдикатот на пожарникарите денеска повторно излегоа на протест во кругот на пожарната станица во Тетово. Како и претходно, тие го изразија своето незадоволство од, како што рекоа, игнорирањето на нивните барања од страна на Општина Тетово и градоначалничката Теута Арифи.

    „Повторно излегуваме на протест бидејќи се пробиени сите законски рокови за постигнување договор со Општина Тетово. Бараме да бидеме колективно осигурани, бидејќи пожарникарите во Тетово се единствените во државата кои немаат вакво осигурување што треба да го склучи Општината. Секаде во државата освен во Тетово е направена корекција на надоместокот за ноќна работа, празник и прекувремена работа. Како што добија колегите во Скопје, и ние бараме корекција на платата од 20%. И на крај, со судска спогодба беше договорено Општината да исплати паричен надоместок од 60.000 денари по тужба, но досега се исплатени само 20.000 денари по тужба“, изјави Сашо Мишевски, претседател на Синдикалната подружница на Територијалната противпожарна единица во Тетово.

    Од Општина Тетово велат дека секогаш ја поддржувале и инвестирале во Територијалната противпожарна единица.

    „Во границите на важечката законска рамка се обидовме да ги поддржиме и да покажеме дека ја цениме работата која ја извршуваат пожарникарите во Тетово, служејќи им на граѓаните не само на Тетово, туку и на уште пет други општини. За регулирање на статусот и задоволување на потребите на пожарникарите потребна е посветеност на државно ниво, бидејќи овој проблем не е локален, туку на целата држава. Општина Тетово досега плати дел од финансискиот надоместок за пожарникарите, а во блиска иднина ќе ги исплати и преостанатите два дела во вкупен износ од 40.000 денари за секој пожарникар“, соопштуваат од канцеларијата за односи со јавност на Општина Тетово.

    Тетовските пожарникари се решени до крај да истраат во својата борба и велат дека ако брзо не се исполнат нивните барања, ќе преземат и порадикални мерки.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира