ТЕТОВСКИТЕ СРЕДНОШКОЛЦИ НА ПРОТЕСТ ПРОТИВ ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ

    ТЕТОВСКИТЕ СРЕДНОШКОЛЦИ НА ПРОТЕСТ ПРОТИВ ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ„Градоначалничката на Општина Тетово не се појави овде пред нас за да ги ислуша тетовските средношколци. Неа не ја интересира што ние мислиме, не ја интересира нашиот став, не ја интересира што ние бараме“, се пожалија тетовските средношколци на протестот пред Општина Тетово. (Фото: Зандон)

    Околу двесте тетовски средношколци денеска излегоа на протест поради сè позагадениот воздух и поради тоа што општинските власти не преземаат никакви мерки за намалување на загадувањето. Средношколците првин се собраа на градскиот плоштад а потоа, во поворка низ тетовските улици, се упатија пред заградата на Општина Тетово.

    „И покрај притисоците од надлежните, ние средношколците од тетовските средни училишта излеговме на протест поради аерозагадувањето. Поднесуваме ултиматум до надлежните, ако за седум дена не преземаат конкретни кратко трајни и долго трајни мерки, ќе следи бојкотирање на наставата. Градоначалничката на Општина Тетово не се појави овде пред нас за да ги ислуша тетовските средношколци. Неа не ја интересира што ние мислиме, не ја интересира нашиот став, не ја интересира што ние бараме. Покрај ова, имаме информации дека од страна на повисоки инстанци, од директорите и професорите во училиштата се врши голем притисок врз учениците да не излегуваат на овој протест и да го искористат своето право да побараат да живеат во здрава животна средина“, изјави Јован Томашевиќ во името на собраните средношколци.

    До пред две години Тетово се наоѓаше во светскиот врв на градови со најзагаден воздух. Со затворањето на „Југохром“ состојбата донекаде се подобри, но и понатаму тетовци дишат многу загаден воздух каде вредностите на ПМ 10 честичките често пати се над дозволеното ниво. Наспроти ова, Општината не презема речиси никакви мерки за намалување на загаденоста на воздухот.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира