ТЕТОВСКОТО ЈАБОЛКО И ГРАВЧЕ СО РЕКОРДНО ВИСОКИ ЦЕНИ, ОТИ СТУДОТ И СУШАТА ГО СОТРЕА РОДОТ

    ТЕТОВСКОТО ЈАБОЛКО И ГРАВЧЕ СО РЕКОРДНО ВИСОКИ ЦЕНИ, ОТИ СТУДОТ И СУШАТА ГО СОТРЕА РОДОТКвалитетен тетовски грав од годинешната реколта се продава од 200 до 300 денари, дупло поскапо од лани (Фото: СДК.МК)

    Деновиве на тетовскиот пазар тешко може да се најде прочуеното тетовско гравче. На прсти се бројат оние што го продаваат па дури и во четвртоците, кога во Тетово е пазарен ден. Понудата на тетовското гравче е минимална, но затоа пак неговата цена драстично порасна. Постарите трговци не паметат кога последен пат се случило на пазарот да има толку малку грав, а воедно неговата цена да биде толку висока.

    „Квалитетен  тетовски грав од годинешната реколта продавам по цена од 200 до 250 денари, но често цената знае да дојде и до 300 денари за килограм. Годинава го нема гравот и затоа цената отиде во небеси. Минатата година добар тетовски грав можеше да се најде и за 150 денари. Да, и сега на пазаров може да се најде грав за 150 денари, кој ви го продаваат како тетовски, но тоа е кој знае од каде увезен грав и е со сомнителен квалитет“, вели Нухи Кадриу долгогодишен продавач на грав на тетовскиот пазар.

    Познатата сорта јаболка тетовка лани беше 15 денари кило, но годинава е продава од 40 до 70 денари (Фото СДК.МК)

    Тетовските земјоделци, за кои со години гравот беше главен извор на егзистенција, оваа година останаа без очекуваните приходи. Поради топлото време сега грав нема ниту за домашна употреба, а не за продажба.

    „Оваа година производството на грав е многу намалено. Големата суша и високите температури многу го намалија, а некаде и сосем ни го уништија гравот.  Кај нас во село приносот на гравот е намален за 90 насто во однос на минатата година. Порано тетовска општина со грав ја снабдуваше цела бивша Југославија, а денес грав нема ниту за нас дома“, Среќко Анчевски, производител на грав од село Доброште.

    Тешката состојба со намаленото производство на тетовскиот грав ја потврдуваат и земјоделските експерти.

    „Гравот оваа година најмногу настрада од енормно топлото време кое го зафати полошкиот регион токму во периодот кога се создаваше цветот на гравот. Поради високите температури и ниската влажност на воздухот, гравот  почнаа да го отфрла цветот или во многу мал број да го задржува, што на крајот се одрази во количината на грав што оваа година го собраа земјоделците. Според наши проценки над 85 проценти од насадите се целосно уништени од топлото време и сушата што беше присутна целово лето“, вели Петре Петрески раководител на оделението во Тетово на Агенцијата за поттикнување и развор на земјоделието.

    Но не само гравот, годинава го нема ни познатото тетовското јаболко. Тоа пак настрада од енормно ниските априлски температури кои ги измрзнаа овошките токму во времето на цветот. Мразот опустоши голем број овоштарници па и тетовското јаболко, исто како и тетовскиот грав, се нуди со досега незапметено вискока цена.

    „Оваа јаболка минатата година едвај успевав да ја продадам за 15 денари килограм, но годинава таа се продава за 40, 50 па и повеќе денари за килограм иако е со далеку полош квалитет од ланската. Едноставно, во тетовско ретко каде може да се најде јаболко. Три дена барав по мои пријатели и познаници и едвај упеав да најдам три гајби од познатата сорта тетовка. Неа ја продавам по 70 денари килограм и најверојатно овие три гајби се сето што ќе го продадам од оваа сорта годинава. Јаболка нема доволно, но поради големата цена малку и се купува“, загрижено зборува пазарџијата  Илија Воиновски.

    „Тетовските овоштари не беа во можност да ги заштитат овоштарниците од априлските мразеви било со препарати или со физичка заштита, па затоа годинешниот род е катастофално лош. Најмногу пострадаа сортите златен делишес и ајдарет, а големи штети има и кај сите другите сорти. Но не само јаболката, априлските мразеви ги опустошија и овошните насади на сливата, вишната, оревите и сите овошки кои во тој период беа во екот на цветање или формирање плод“, вели агрономот Петрески.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира