ТЕТОВЦИ НАПРАВИЛЕ СВАДБА ИАКО МЛАДОЖЕНЕЦОТ, НЕВЕСТАТА И ЦЕЛОТО СЕМЕЈСТВОТО БИЛЕ ПОЗИТИВНИ НА БРЗИТЕ КОВИД ТЕСТОВИ

    ТЕТОВЦИ НАПРАВИЛЕ СВАДБА ИАКО МЛАДОЖЕНЕЦОТ, НЕВЕСТАТА И ЦЕЛОТО СЕМЕЈСТВОТО БИЛЕ ПОЗИТИВНИ НА БРЗИТЕ КОВИД ТЕСТОВИОд 47-те хоспитализирани пациенти, 40 се на кислородна поддршка во тетовскиот Ковид-центар. (Фото: СДК.МК)

    Младоженци од Тетово направиле свадба иако обајцата сосе целото смејство биле позитивни на брзите ковид тесови, вели тетовскиот доктор Илчо Ефкоски.

    „Зетот и невестата дошле да примат инфузии за да се освежат пред свадба. Од дома се напиле парацетамол и не му пријавиле на докторот дека имаат температура. Целата свадба си ја истерале со сите салтанати. Дома направиле брзи ковид тестови, кои покажале дека сите во семејството се позитивни, ама не им поверувале на тестовите дека се точни, бидејќи самите си ги купиле во аптека. ПЦР тест не направиле. И сето ова како да не било доволно, па братот на младоженецот со семејството, каде дел биле позитивни, после свадба веднаш заминале на одмор во хотел во Албанија. За ова немаше да се дознае ако зетот да не заврши на Инфективното одделение со пневмонија. Сега следните од семејството се чекаат за хоспитализација“, ни потврди д-р Ефкоски.

    За овој случај побаравме потврда и на Инфективното одделение во Тетовската болница, но таму ниту го негираа ниту го потврдија, ама велат дека најголемиот број од хоспитализираните на нивното одделение се заразиле на свадбите.

    Ваквиот неодговорен однос на поединци и големиот број на свадби и други свечености направи Тетово во овој момент да има повеќе хоспитализирани лица од времето на најголемиот бран на ковид-19 од ноември и декември минатата година. Крајно лошата епидемиолошка состојба ја потврдуваат и од Ковид-центарот во Тетово.

    „Секој ден имаме нови приеми на заразени. Денеска имаме 47 хоспитализирани пациенти, а во последните 24 часови имаме почината 31-годишна пациентка, која била со тешка пневмонија. Расте и бројот на амбулантските прегледи. Вчера имаше 67 пациенти, што е знак дека состојбата се влошува. Сепак, нема место за паника. Еве сега добивме потврда од Министерот дека голем број од пациентите во Тетово ќе се префрлат во Инфективната клиника во Скопје што ќе ни ја олесни работата и нема потреба повторно да правиме реорганизација на одделенијата“, вели д-р Гзим Нуредини, раководител на Ковид-центарот во Тетово.

    Тој вели дека од 47-те хоспитализирани пациенти, 6 се вакцинирани со една доза вакцина, додека 5 пациенти се вакцинирани со две дози. Сепак, станува збор за пациенти кои имаат и други потешки болести. 40 пациенти се на кислородна поддршка.

    „За жал, имаме и еден млад пациент на 37 години кој е без никакви коморбидитети, што пак може да значи дека во наредниот паериод може да имаме и вакви потешки случаи на заразени, а кои немаат никаки други болести. Фактори за ширење на заразата има многу, еден од нив се свадбите, друг фактор е собирање во затворени простории каде работат клима уреди, трет фактор е што кај нас се присутни лица не само од Европа, туку и од цел свет и така многу е лесно да се пренесе вирусот од таму“, вели д-р Нуредини.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира