ТИНЕЈЏЕРИ СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД ИЗРАЕЛ ПЕЕЈА НА КОМЕМОРАЦИЈА ЗА ДЕПОРТИРАНИТЕ ЕВРЕИ ВО БИТОЛА

    ТИНЕЈЏЕРИ СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД ИЗРАЕЛ ПЕЕЈА НА КОМЕМОРАЦИЈА ЗА ДЕПОРТИРАНИТЕ ЕВРЕИ ВО БИТОЛАГрупата „Остма“ настапи со пет пејачи и едно момче кое свиреше гитара. (Фото: СДК.МК)

    Песна за желбите пред Споменикот на депортираните Евреи во Битола денес испеаја групата „Отсма“ од Израел составена од тинејџери со попреченост. Тие под водство на музичкиот терапевт Офра Коен денес преку песна ја изразија нивната желба да живеат во мир. Во групата настапија пет солисти и едно момче кое свиреше гитара, а настапот им беше крајно синхронизиран како да пее професионален хор со музичка придружба. Имаа настап на комеморацијата по повод 76 годишнината од депортацијата на битолските Евреи и ги разнежнија срцата на присутните.

    „Јас сум музичар и продуцент и верувам цел мој живот дека инклузијата во општеството е многу важна. Мојата работа од срце им ја посветувам на овие деца кои ја учат музиката како и сите останати луѓе, пеат и танцуваат. Осум години го работам ова и душата ми е исполнета, правиме музика за сите луѓе и тоа делува како музичка терапија за овие млади лица“, рече Коен.

    Таа додаде дека настапиле во Битола зашто сакале да му покажат на целиот свет дека на овие деца им треба некој што ќе верува во нивните можности.

    „Името на групата е ’Отсма‘, тоа е моќ, симболично е поставено името да покаже дека ние можеме да направиме нешто што сакаме. Дека е возможно и тука се виде дека е“, додава музичкиот терапевт.

    Тинејџерите, други лица со попречености, гости од Израел, битолчани денес се приклучија кон Маршот на животот што традиционално се одржува по втор пат во Битола токму на денот кога во 1943 година беа депортирани 3.013 битолски Евреи во логорите на смртта. Тие го поминаа патот што пред 76 години го вревеа Евреите до Железничката станица од каде беа со вагони однесени и никогаш не се вратија назад.

    „На Еврејските гробишта ќе ја пресечеме лентата и ќе го отвориме патот на Евреите. Ќе го видиме сончевиот часовник кој беше направен од последното еврејско дете Мати Груберг роден во Битола пред војната. Стотици Израелци дојдоа тука има и луѓе со посебни потреби кои се приклучија на маршот“, рече израелскиот амбасадор Дан Ориан.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари