Конституиран е новиот совет на Општина Чашка, а за претседавач е избран Трајче Мишковски од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“, кој на гласањето беше поддржан од СДСМ и коалиционите партнери. Советот брои 11 члена, по четири имаат коалициите на СДСМ и на ДУИ, додека коалиција на ВМРО-ДПМНЕ има три. Противкандидат на Мишковски при изборот за претседател на Советот беше Ибраим Исмаиловски од коалицијата „Сите заедно“ на ДУИ, Алијансата за Абанците и Алтернатива, кој доби четири гласа. Советниците потпишаа изјава во која стоеше уставното има на државата, Северна Македонија.
На изборот на претседател реагираше советникот Халит Фератов од ДУИ, кој рече дека изборот на Мишковски е еднонационален и со тоа е нарушен мултиетничкиот состав во Општината, избор кој предизвикува поделби.
„Од следната седница на Советот за одлуките кои е потребно двотретинско мнозинство, со Бадентеров принцип, дали ќе имате осум гласа? Треба да се запрашате. Изградивте коалиција, која е единствена во Македонија и верувам дека нема да оди долго. Барам сите материјали за седниците да бидат двојазични и за седниците да обезбедите добар преведувач. Урнат е мултиетничкиот карактер на Општина Чашка“, кажа Фератов.
Претседавачот Мишковски рече дека е чест и задоволство што има можност да ја извршува оваа функција. Говорот го започна со народна поговорка: „Рацете може да се исперат, ама образот не“.
„Ова е одговорност, но и можност, заедно со вас преку нашата работа да ги реализираме проектите и да придонесеме за подобро утре на секој жител на Општина Чашка. Во оваа просторија да влегуваме со соблечени партиски маици, да носиме такви одлуки со кои ќе бидеме слуги на граѓаните, не на партиите. Да бидеме коректив на погрешните одлуки на градоначалникот и поддржувач на одлуките од кои граѓаните и жителите на Општината имаат корист“, кажа Мишковски.
Градоначалник на Општина Чашка е Горан Стојановски од СДСМ и ова е негов втор мандат. Противкандидат во вториот круг на локалните избори му беше Суат Шаќиров од ДУИ. Стојановски победи со 56 отсто освоени гласови. Тој победи во муслиманските средини Мелница и Горно Врановци, а имаше по стотина и повеќе гласови во Горно и Долно Јаболчиште.
П. ПЕЧКОВ