ТРЕБА ДА СЕ ПОМАГА НА ОПШТИНАТА, А НЕ САМО ДА СЕ ЧЕКА ТЕНДЕР ДА СЕ ДОБИЕ, ВЕЛИ ЗЛАТКО СВИДЕРСКИ КОЈ БЕЗ ФИНАНСИСКИ НАДОМЕСТ ГО ИСЧИСТИ ПАТОТ ЗА ПЕЛИСТЕР

    ТРЕБА ДА СЕ ПОМАГА НА ОПШТИНАТА, А НЕ САМО ДА СЕ ЧЕКА ТЕНДЕР ДА СЕ ДОБИЕ, ВЕЛИ ЗЛАТКО СВИДЕРСКИ КОЈ БЕЗ ФИНАНСИСКИ НАДОМЕСТ ГО ИСЧИСТИ ПАТОТ ЗА ПЕЛИСТЕРБитолчанецот Златко Свидерски го исчисти патот откако не успеаја претходните обиди на претпријатијата задолжени за чистење и одржување на патиштата Македонија пат и ЈП Нискоградба. (Фото: СДК.МК)

    Златко Свидерски, сообраќаен инженер, е хуманиот битолчанец кој со градежна механизација од својата приватна фирма „Боб кет” го исчисти патот на Пелистер до хотелот „Молика“, а не побара никаков паричен надомест за тоа.

    Тој го исчисти патот откако не успеаја претходните обиди на претпријатијата задолжени за чистење и одржување на патиштата Македонија пат и ЈП „Нискоградба“.

    „Треба да се помага на Општината, а не да се чека тендер да се добие. Финансиски надомест законски не ми следуваше. Но, не ни сакав, тоа не беше ни важно. Важно ми беше да се помогне. Во хотелот „Молика“ беа заглавени сто туристи. Треба да бидеме свесни дека ако некогаш можеме треба да помогнеме. Не може постојано некој да ни чисти пред дворот, некогаш и ние треба да зачистиме”, рече Свидерски за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Тој додава дека претходно не го чистел патот за Пелистер. Но, неговата компанија е опремена со соодветна механизација и имаат 15- годишно искуство како зимска служба во расчистување на патишта во населбите под Пелистер.

    Свидерски не сакаше да објавуваме фотографија од него, оти како што вели личностите се неважни, важен е потфатот да се помогне на својот град.

    Вчера, поради наврнатиот снег, патот за Пелистер беше непрооден, а стотина туристи од Молика останаа во хотелот неможејќи да си заминат. По повеќечасовните обиди да го пробијат патот државните и локалните институции задолжени за тоа, директорот на „Молика”, Горан Исков побара приватната компанија да се вклучи во чистењето. По нејзината интервенција патот беше пробиен, само се апелира да се патува со зимски гуми.

    Битолчани на социјалните мрежи коментираат дека ова е пример како се сака градот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира