ТРЕТ МЕСЕЦ ЖИТЕЛИТЕ НА ТЕТОВО ДОБИВААТ ПОГРЕШНИ КОМУНАЛНИ СМЕТКИ, КАСАМИ ВЕТУВА ДЕКА ПРОБЛЕМИТЕ БРЗО ЌЕ СЕ НАДМИНАТ

    ТРЕТ МЕСЕЦ ЖИТЕЛИТЕ НА ТЕТОВО ДОБИВААТ ПОГРЕШНИ КОМУНАЛНИ СМЕТКИ, КАСАМИ ВЕТУВА ДЕКА ПРОБЛЕМИТЕ БРЗО ЌЕ СЕ НАДМИНАТОпштина Тетово, откако направи јавно-приватно партнерство со „Заубмахер“, ја смени методологијата на наплата па наместо по жител, како што беше досега, комуналиите ги наплаќа по квадратен метар станбен простор. (Фото: СДК.МК)

    Поминаа три и пол месеци откако фирмата „Заубмахер“ го презеде управувањето со комуналниот отпад и е надлежна за издавање сметки и за потрошена вода, а тетовци сè уште имаат проблеми со високите сметки за овие комуналии. Општина Тетово, откако направи јавно-приватно партнерство со „Заубмахер“, ја смени методологијата на наплата па наместо по жител, како што беше досега, комуналиите ги наплаќа по квадратен метар станбен простор.

    Но, ваквиот начин на наплата предизвика голем револт кај тетовци бидејќи почнаа да им доаѓаат сметки кои се и двојно повисоки од тие што ги плаќале дотогаш, поради погрешните податоци кои фирмата само ги презела од Катастарот, а се јавуваат и други грешки. Тетовци денеска своите забелешки му ги предочија на градоначалникот Билал Касами.

    „Ни доаѓа сметка и на мене и на сопругот и плус ненормално висок износ. Ставиле канализација, а ние немаме канализација во сокакот каде што живееме. Поднесов приговор, бев до седиштето на „Заубермахер“ во село Палчиште каде им е дирекцијата и вчера пак истата сметка ми дојде. Требало да гледаат и по старите сметки, а не од Катастар извадиле податоци од ракав. Прашав една комшика, имаме приближно иста квадратура со куќата, нејзе сметката и` е 640 денари со канализација, а на нас на двајца 1.200 денари без канализација. Доаѓа како струја да плаќаме“, изјави Дивна Здравевска.

    „Порано плаќав околу 310 денари, а сега ми дојде 700 денари. Не треба да се плаќа по квадратура, туку да си плаќаме како порано. Сакам да биде како што било или да плаќам како самец. Првиот месец ми дојде сметката, вториот месец не, еве денес 31 во месецот и уште не дојде. Кога ќе дојде ќе се насобере“, се пожали жена од тетовската населба Блок 82.

    „Бев и во Палчиште, реагирав на висината на сметката и пак ми дојде сметка по старо. Рекоа дека ќе се реши, ама има многу приговори дадено. Сметам дека за вакви некои работи треба да има референдум“, вели постара тетовка.

    Ваквите поплаки од граѓаните за високите и нереални сметки ги сослуша градоначалникоt Касами, кој уверува дека наскоро состојбата ќе се нормализира и дека ќе се работи чекор по чекор.

    „Некои сметки се покомплицирани, бараат повеќе време и информации и податоци за да се хармонизираат податоците кои ги има ЈКП Тетово со тоа што е реалноста на терен. Но, тоа што ние ветивме е дека ќе продолжиме на неделно ниво да комуницираме со граѓаните заедно со директорите на сите јавни комунални претпријатија и на самото место да видиме каде е проблемот и кој треба да интервенира и да го реши тој проблем, затоа што се работи за 30 илјади комитенти. Го имаме во предвид и тоа дека податоците кои се преземени од Катастар не се до крај реални. Има неколку видови на проблеми кои ќе се обидеме чекор по чекор да ги решаваме. Тоа што ветивме на граѓаните дека нема да оптоварување повеќе од тоа што е согласно законот и согласно правилникот за фактурирање на јавно-комунални услуги“, рече Касами.

    Приговори може да се поднесуваат во канцелариите на „Заубермахер“ во село Палчиште како и во зградата на Општина Тетово или во дирекцијата ЈКП Тетово кај пазарот, а жителите можат и секој петок лично да контактираат и да се пожалат кај градоначалникот Касами.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира