ТРЕТ ОБИД ДА СЕ ИЗБЕРЕ ИЗВЕДУВАЧ ЗА УРЕДУВАЊЕ НА ЦЕНТАРОТ ВО ВЕЛЕС, ПОРАДИ ПРЕВИСОКИ ЦЕНИ НА ГРАДЕЖНИТЕ МАТЕРИЈАЛИ

    ТРЕТ ОБИД ДА СЕ ИЗБЕРЕ ИЗВЕДУВАЧ ЗА УРЕДУВАЊЕ НА ЦЕНТАРОТ ВО ВЕЛЕС, ПОРАДИ ПРЕВИСОКИ ЦЕНИ НА ГРАДЕЖНИТЕ МАТЕРИЈАЛИПарите за уредување на Велес се обезбедени од ЕУ уште пред три години, но цените на материјалите пораснаа до плафон. (Фото: СДК.МК)

    Дали третиот обид за избор на изведувач на градежните работи за уредување на центарот на Велес ќе биде успешен, ќе биде познато по 20 мај. Локалната власт се надева дека овој пат јавниот повик ќе биде успешен, откако на претходните два немаше пријавени.

    Проектот е во вредност од 750 илјади евра, пари од ЕУ.  Добиен е пред три години, а не можел да се  реализира поради зголемувањето на цените на градежните материјали и првично проектираните смарт-елементи кои се дел од урбаната опрема и сообраќајот.

    „Овој проект неколку пати го имаме најавувано, имавме сериозни проблеми со порастот на цените и имавме неколку неуспешни обиди за избор на изведувач на градежните работи. Во договор со ЕУ, која е финансиер, направивме корекции врз основа на претходните понуди. Оостанува да се надеваме дека до крајот на месецов ќе имаме избрано изведувач“, кажа градоначалникот на Велес Марко Колев.

    Со проектот се предвидува целосна реконструкција на улицата 8 Септември (од плоштад Сармаале до споменикот Коњаникот), потоа нова одводна атмосферска мрежа, фекална канализација, нови тротоари, нов асфалт, кружен тек  на крстосницата на улиците 8 Септември – Страшо Пинџур – Архиепископ Михаил, реконструкција на кружниот тек во центарот кај споменикот Коњаник и друго.

    Проект  предвидува улицата 8 Септември да биде пешачка зона, улицата Архиепископ Михаил да биде еднонасочна, а улицата Страшо Пинџур и Гоце Делчев да бидат двонасочни.

    Градоначалникот кажа и за подземната гаража предвидена на паркингот пред Судот.

    „Друг проект е тој за подземната гаража и за уредување на просторот пред Судот. Тоа чини два милиони евра, пари кои локалната власт ги нема. Разговараме со Владата за да помогне финансиски да се реализира овој проект“, рече Колев.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира