Една третина од Скопје е покриена со контејнери за селекција на стакло. Според податоците на ЈП „Комунална хигиена“ и „Пакомак“, над 30 отсто од микролокациите каде се депонира и собира отпад се покриени со контејнери за селектирање стакло. Лани биле селектирани 465 тони стакло.
„Комунална хигиена“ денеска во рамките на регионалниот проект „Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан” доби 60 нови контејнети за депонирање стакло. Контејнерите ќе бидат поставени во општините Аеродром и Гази Баба.
Со оваа донација, надлежните се надеваат дека навиките за селекција на отпад ќе растат од ден на ден, и за 20 отсто ќе се зголемат количините на селектирано стакло во однос на лани.
„Очекуваме годинава да се собере најмалку 20 отсто повеќе стакло во однос на претходната година. Затоа, ги повикувам сите граѓани на нашиот град да се вклучат масовно, да ги собираат шишињата, теглите и другите стаклени пакувања што ги имаат во своите домови и да ги фрлаат исклучиво во овие специјализирани контејнери. Рециклирањето на отпадот е практика што масовно се практикува во земјите на Европската Унија кои ги почитуваат највисоките еколошки стандарди за третман на отпадот“, рече градоначалникот Петре Шилегов.
А. АНТЕВСКА